• четврток, 14 ноември 2024

Скрекас: Завршен маркет тестот за гасоводот со Северна Македонија

Скрекас: Завршен маркет тестот за гасоводот со Северна Македонија
Атина, 25 октомври 2022 (МИА) – На електричните поврзувања со Северна Македонија, Италија и Бугарија, кои Грција двојно ги зголемува, како и на завршениот маркет тест за интерконекторот за природен гас со нашата земја, се осврнал министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас на Самитот на Западен Балкан за енергетската безбедност и зелената транзиција во земјите од регионот, одржан вчера во Берлин, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција соопштија дека во однос на природниот гас, Скрекас истакнал дека е завршено маркет тестирањето за гасоводот со Северна Македонија, кој се проценува дека ќе биде завршен до средината на 2025 година и станува збор за систем кој ќе биде 100 проценти подготвен за транспорт на водород, а исто така ја истакнал важноста и за пуштањето во употреба на гасоводот ИГБ, како и изградбата на новите пловни единици за складирање на течен природен гас во Александруполи и Коринт. На Самитот, Скрекас потенцирал дека Грција ги удвојува електричните интерконекции со Северна Македонија, Италија и Бугарија, а до крајот на деценијата тројно ќе го зголеми капацитетот на интерконекцијата со Албанија. Додал дека Грција ја зајакнува енергетската соработка со Западен Балкан. -Убеден сум дека зајакнатата регионална соработка е клучот за справување со кризите, како оваа што денес ја живее Европа. Грција ја зајакнува соработката со соседните земји, имплементирајќи стратешки инфраструктури кои ќе понудат алтернативни извори на снабдување со енергија и максимално го зголемува навлегувањето на обновливите извори на енергија. Оптимист сум дека Западен Балкан ќе се приклучи на заедничката европска визија за зелена транзиција и ќе работиме со обединетост, заедно, за одржлива иднина на стабилност и издржливост за нашите граѓани, рече Скрекас. Паралелно министерот за животна средина и енергетика на Грција го претставил стратешкиот план на грчката Влада за обезбедување енергетска безбедност, се осврнал на големиот напредок во областа на обновливите извори на енергија и истакнал дека „Грција се претвора во регионален центар за трансфер на зелена енергија“.ср/са/

Остани поврзан