• понеделник, 23 декември 2024

Скендеровски: За изненадување против Романија ни треба пожртвувана игра и малку среќа

Скендеровски: За изненадување против Романија ни треба пожртвувана игра и малку среќа
Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) – Македонската репрезентација во футсал, по минатонеделниот минимален пораз од БиХ со 2:1, денеска против Романија во Скопје го игра вториот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство што идниот јануари ќе се одржи во Холандија.
Селекторот Васил Скендеровски очекува пред неговите избраници од 19 часот во салата „Јане Сандански“ да истрча многу силен противник, но верува оти македонската репрезентација со голема пожртвуваност и малку повеќе среќа отколку на премиерниот меч во Зеница би можела да го изненади фаворитот. - Против Босанците не бевме инфериорни, напротив бевме „егал“ и имавме шанси, но не реализиравме пенал, а во финишот ја погодивме и стативата. Сега пред нас е уште потежок противник. Почетната „четворка“ на Романија е составена од Бразилци, кои се многу квалитетни и со големо меѓународно искуство. Реално, ќе биде големо изненадување ако дојдеме до позитивен резултат, но верувам дека со малку среќа, со срце и пожртвуваност ништо не е невозможно, изјави Скендеровски за МИА. Тој истакна дека првиот натпревар во овие квалификации, и покрај поразот „донесе позитивна енергија и оптимизам“ во македонскиот тим дека може рамноправно да се носи со противниците во групата. - Ние во овие квалификации немаме императив од пласман на завршницата, бидејќи домашната лига долго време е во прекин, играчите се вон натпреварувачки ритам, а во процес сме и на постепено подмладување на репрезентацијата. Доколку ни се укаже шанса секако дека ќе ја искористиме, но сметам дека овие натпревари треба да ни бидат патоказ кон создавање повторно на еден силен тим, кој ќе биде способен во следните четири години да избори пласман на едно големо натпреварување, потенцираше селекторот Скендеровски. Тој за вечерашната пресметка против Романците ќе може да смета на сите расположливи сили, откако во македонскиот состав немаше позитивни играчи на коронавирус на задолжителното тестирање пред натпреварот. Во вториот меч од квалификациската Група 4, Србија вечерва ја пречекува БиХ, која допатува во Нови Сад без тројца стандардни играчи поради позитивни тестови на Ковид-19 по натпреварот со македонската репрезентација. ег/зс/

Остани поврзан