Сиљановска Давкова: Ние многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, но за Грција не сум сигурна
- Барам разбирање. Го имаме Преспанскиот договор. Се смени Уставот, сменивме документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме, но кога во Договорот има две страни, треба и другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција тоа го стори, таму ќе видите „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Барам разбирање. Го имаме Преспанскиот договор. Се смени Уставот, сменивме документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме, но кога во Договорот има две страни, треба и другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција тоа го стори, таму ќе видите „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во гостувањето на „Само интервју“, таа непомена дека тоа што го кажа Коцијас држи - Грција, со оглед дека со неа го склучивме Договорот, имаше посебна обврска да ја потсетува ЕУ дека треба да отвориме поглавја за примената на Преспанскиот договор.
Додаде и дека Грција или ЕУ треба да ја советува Бугарија, зашто се тврди дека нема преговори за историја, култура, наследство и јазик, а ние, како што рече, токму тоа го правиме во историските комисии.
Во врска со тоа што на заклетвата за шеф на државата не кажа Северна Македонија, Сиљановска Давкова нагласи дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски. Потсети и дека во Изборниот законик името не е сменето, а дали грчката амбасадорка ја напуштила инаугурацијата, не забележала, зашто, како што потенцира, била преокупирана со чинот и воопшто не размислувала кој е на галеријата.
-Името е најголемиот идентитетски знак и тоа излезе од мене. Знам што е право, но кога се пее химна луѓето плачат, држат раце на срце. Со името е нешто слично. Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија, тоа е тоа, не дека терам инает, се однесував сократовски. Во Изборниот законик името не е сменето, си пишува Република Македонија. Заклетвата е таму точно наведена, името е Република Македонија. Сакав да покажам дека придавка е придавка, а дека она што е суштинско е Македонија. Сакав да се држам до Преспанскиот договор чиј член 7, став 3 објаснува кога може да се употеби името Македонија, а тогаш е логична и придавката. Можеби за тоа придонесе фактот што претседателот на Собранието во неполни неколку минути 25 пати го употреби изразот Северна. Не ми е јасна таа логика, рече Сиљановска Давкова, укажувајќи дека во многу земји заклетвите се напишани со употреба на зборот „република“, како во Франција, а не со името на државата.
Претседателката уште еднаш кажа дека не го крши Преспанскиот договор.
-Деновиве слушам дека мора да се почитуваат двата договора, Преспанскиот договор јас не го кршам, во него пишува дека ние докуметите треба да ги смениме ама и по отворањето на првото и другите поглавја. Кој отвора поглавје, кој одлучува за тоа? ЕУ. Дали тоа некој го кажа? Требаше да го каже Грција. Не само што не отворивме поглевје, туку сега треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори. Во ниту еден член во Договорот со Бугарија не пишува дека ние треба да го менуваме Уставот. На Макрон му реков дека му е извонредна филозофската теза за ЕУ, но филзоофијата не може да биде без принципи и вредости. ЕУ во самите договори предвидела санкции ако некоја членка ги крши темелните вредности и принципи. Без темелни вредности нема ЕУ како филозофија на демократија, подвлече Сиљановска Давкова.
Таа е децидна дека со премиерот Христијан Мицкоски не го толкуваат различно Преспанскиот договор.
Во Швајцарија на средбата со Мицотакис, рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име, и создала конфузија.
-Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички, истакна Сиљановска Давкова.
На прашањето дали во следните пет години нема да го каже името Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која во Уставот се вика така, зошто тоа да го повторувам? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска репунблика? Не. Ги почитувам договорите. Не е точно дека ние ги кршиме, туку некој друг ги крши, заклучи Сиљановска Давкова. мч/аа/
фото: принт скрин