• среда, 08 април 2026

Сиљановска-Давкова по повод 8 Април: Ромите историски и културно се неразделен дел од македонската држава и општество

Сиљановска-Давкова по повод 8 Април: Ромите историски и културно се неразделен дел од македонската држава и општество

Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, во која наведува дека Ромите историски и културно се неразделен дел од македонската држава и општество.

- Почитувани сограѓани Роми, нека ви е и нека ни е честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Искрено посакувам да го одбележите овој ден во добро здравје, радост и среќа. Вие Ромите историски и културно сте неразделен дел од македонската држава и општество. Слободата, гордоста и заедништвото се особени вредности на ромскиот идентитет и заслужуваат должна почит - наведува Сиљановска-Давкова во честитката.

Претседателката додава дека нашата заедничка македонска држава формално-правно е лидер во гарантирањето на малцинските права, во регионални и европски рамки, но оти реалниот ромски живот е далеку од правните гаранции.

- Осми април е вистинскиот ден за мерење и преиспитување на квалитетот на животот на нашите сограѓани Роми во сите области и на сите нивоа. Еднаш мора да ни стане јасно дека не е доволно да се повикуваме на Шуто Оризари, туку да обезбедиме пристоен живот на Ромите каде и да се - посочува претседателката во честитката.

Сиљановска-Давкова на крајот нагласува дека крајно време е да сфатиме дека ромската заедница е најранливата и најмаргинилизирана категорија граѓани, а како таква заслужува најголемо општествено внимание и заштита. нд/вг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан