Сиљановска-Давкова на Меѓународниот семинар за македонски јазик: Продолжете да се грижите за ендемското, автохтоно „семе“ на македонистиката
- Нужна е национална стратегија, стабилна институционална структура, функционална политика, но и адекватна финансиска помош за одржување, развој и зголемување на бројот на лекторатите во светот, по примерот на двата нови лектората, во Неапол, Италија и во Нитра, Словачка, порача претседателката.
Охрид, 15 август 2025 (МИА) - Драгоцени се придобивките од борбата за писменоста, ортографијата и филологијата, посеани и негувани и згрижени од татковците - основачи на македонската преродба: Мисирков, Миладиновци, Рацин, Конески, плејада идеолози, мислители и дејци - македонисти, ценети творци на македонистиката како филолошка и културолошка наука. Респектабилна е плејадата македонисти кои ја зародија, породија и одгледаа македонистичката идеја за кодификација на македонскиот јазик, кои, низ историјата, со перо и мисла како убиствени куршуми против лагата и силата, се бореа за признавање на реалноста на македонскиот идентитет и државност, со сите историски, културни, политички и правни атрибути, посегајќи по вообичаените институционални методи и механизми, како што е кодификацијата на македонскиот јазик. Во и со тој дух, во втората половина на 20 век, еминентни македонисти како великанот Блаже Конески, но и многу други негови истомисленици и содружници го поттикнуваа отворањето на Меѓунардниот семинар за изучување на македонскиот јазик, литература и култура, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето пред професорите, лекторите, учесниците и гостите на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје што се одржува во Охрид.
Таа ја истакна улогата на Семинарот како духовен и научен дом на македонскиот јазик, чијашто мисија се втемелува во традицијата на Охридската книжевна школа и се надградува со современи методи и меѓународна соработка. Сиљановска-Давкова посочи дека лекторатите по македонски јазик на странските универзитети, единаесет во моментов, треба да добијат континуирана институционална и финансиска поддршка, оти нивното работење е важен дел од националната стратегија за зачувување и афирмација на македонскиот јазичен и културен идентитет. За неа, како што напомена, семинарот е престижно училиште од национално и интернационално значење, а учесниците се талентирани неимари кои вградуваат камен во тврдината на македонистиката. Нужна е, нагласи, национална стратегија, стабилна институционална структура, функционална политика, но и адекватна финансиска помош за одржување, развој и зголемување на бројот на лекторатите во светот, по примерот на двата нови лектората, во Неапол, Италија и во Нитра, Словачка.
Во својство на покровителка, претседателката изрази почит кон сите досегашни директори и организатори на Семинарот и ја прогласи за отворена 58. Летна школа, посакувајќи успешна работа на сите учесници, предавачи и лектори.

-Годинава, големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик“ се одбележува со низа важни настани. Уште еднаш се потврди Блажевата дума дека македонскиот јазик за нас, Македонците, е нашата и неговата една и единствена татковина. Вие, 60 македонисти од 17 држави, под кровот на куќата на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, станавте нашите јазични содружници и сограѓани. Ако семинарот е македонски јазичен дом, вие сте негови ценети жители. Ако летната школа прерасна во престижно училиште од национално, но и интернационално академско значење за македонскиот јазик, идентитет и култура, тогаш, вие сте талентирани неимари што вградија камен во тврдината на македонистиката, рече претседателката.
Според неа, семинарот е продолжувач на една грандиозна мисија на Охридската книжевна школа на Свети Климент Охридски на Плаошник, потомок на значајниот средновековен просветен, образовен, научен, културен и духовен центар, дограден, доградуван и надградуван над цврстите јазични темели, удрени од сесловенските браќа, Светите Кирил и Методиј.
-Во македонистите препознавам вредни јазични пчели, собрани околу Меѓународниот семинар за македонски јазик како матица, а 11 лекторати по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети во светот, за мене се здрави јазични кошници што создаваат квалитетен и вкусен македонски јазичен мед, со потекло од медената земја на Атиџе од истоимениот филм. Сведоци сме на континуиран развој и раст на македонистиката, која се разлиста, расцвета и роди вкусни јазични плодови, еволуира македонскиот јазик, не само како службен јазик, туку и јазик на којшто се напишани илјадници прекрасни книги и песни, одбранети дузина магистратури и докторати, одржани безброј предавања и беседи, што се помнат. Не смееме да заборавиме дека нивниот јазичен корен датира од средновековната писменост и култура на епохалните мисионери и учители, Светите Кирил и Методиј, чии најталентирани ученици, Климент и Наум го изградиле првиот европски универзитет — Охридската книжевна школа, истакна Сиљановска-Давкова.
Бурниот јазичен живот, потенцира, го продлабочиле и продолжиле генерации и генерации македонисти и филолози, отелотворувајќи се себеси во богатата македонистика.
-Ним им се придружиле многу јазични добронамерници и добромисленици, личности со кои се гордееме, чии врвици и патеки ги разодуваме и доодуваме, водени од насушната и непресушна жед за знаење, наука, просвета, интелектуална и духовна просветеност и просветленост. Историски е моментот кога во далечната 1967 година, истакнати македонисти, лингвисти и филолози, предложиле и го основале Меѓународниот семинар, оживотворувајќи ја со децении развиваната и промовирана голема идеја, за мене, за филолошка и културолошка наука за македонскиот јазик, литература и култура. Во својата зрела, животна есенска доба, Семинарот наликува на густо и цврсто плетена македонистичка мрежа во период од речиси шест децении. Иако сме континентална држава, опкружени сме со мориња, со океан од македонисти, за мене јазични рибари и морнари, познати како семинаристи, чиј број порасна на 4000, кои доаѓаат од 60 земји од светот, кои учествувале на престижните летни и зимски школи, како и на бројни меѓународни научни конференции во текот на речиси половина век. Чест ми е да учествувам во уште едно отворање на тешките и древни охридски порти на македонистиката, налик на Рациновите „високи шимшир порти“ оти за нас, Македонците и ние Македонците, „куќа цел свет братски“ ни е, подвлече Сиљановска-Давкова.

Додаде и дека македонската жена, Големата македонска прамајка е потпората на македонистичката „куќа“, налик на охридските, доволно пространа да го збере огромниот сиот македонистички свет, кој со љубов и посветеност го изучува и учи и научува македонскиот јазик, како филигран и бисер на македонската книжевност и култура.
-Не случајно сум туку, меѓу вас. За мене, Меѓународниот семинар имаше, има и ќе има огромна национална и интернационална високообразовна, научна и културно-дипломатска дејност, којашто се шири и афирмира преку лекторатите, 11 во моментов на сите странски универзитети. За мене тие се како цркви на македонистиката, но и успешни културни амбасади, со вас како македонски почесни конзули и pro bono амабасадори. Јасно ми е не само мене, туку и вам и на сите, а верувам и на одговорните, дека на лекторатите им е потребна континуирана поддршка, добри услови за работа и меѓународна афирмација. Законот за македонски јазик е, по мене, добра правна рамка за оваа цел. Но, нужна е национална стратегија, стабилна институционална структура, функционална политика, но и адекватна финансиска помош за одржување, развој и зголемување на бројот на лекторатите во светот, по примерот на двата нови лекторати, во Неапол, Италија и Нитра во Словачка. Да се множат!, порача претседателката.
Таа им изрази почит на сите досегашни директорки и директори на Семинарот не само за неговото одржување во живот, туку, како што рече, и за духовно богатиот македонистички живот и неговата доживеана долговечност, а се молам и за неговата вечност!
-Исто така, честитки и поддршка на ректорката за нејзината поддршка на овој семинар, но и благодарност за сите претходни ректорати, ректори за големата идеја. На крајот, се разбира, честитки и поддршка за креативниот ангажман на директорката на Меѓународниот семинар, професорката д-р Кристина Николовска, која заедно со Советот на Семинарот, поттикна и воведе квалитетни иновации, збогатувајќи ја програмата со нови содржини, како што е, веќе споменатата, амбиентална перипатетичка настава, наречена „По стапките на Свети Климента“ којашто се одвива автентично — во срцето на стариот град Охрид, како академија, што почнува од изворите на сесловенката писменост и култура, односно од култниот археолошки и манастирски комплекс Плаошник и потоа „тече“ и „врви“ и се „движи“ како научен и културен крвоток низ охридските сокаци, вгнездувајќи се за миг во неброените знаменитости и „трезори“. Особено ме радува фактот, што годинава, како и лани, се афирмираа националната историја и етнологијата како научни дисциплини од посебен интерес. Во земја во која секоја педа е историја и артефакт, има неизмерна и неисцрпна количина на граѓа за проучување. Очекувам морето или океанот или космосот на македонистиката да продолжи да расте, да се бранува, да се крева до облаци и спушта до езерското дно. Посакувам интелектуални бури во него, како веќе најавената Меѓународна научна конференција на 29 и 30 август во Охрид, посветена на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик – зборувам за правната кодификација, оти нејзе и претходела кодификацијата на Крсте Петков Мисирков, како и на неколкуте буревесници на македонската книжевност и култура, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа им порача на македонистите, истражувачите и лекторите да продолжат да се грижат за ендемското, автохтоно „семе“ на македонистиката.

-Во вас препознавам извонредни истражувачи, проучувачи, посветени академски граѓани, но и преведувачи, толкувачи и љубители на македонскиот јазик, македонистиката и македонската култура, но што е најважно, добри луѓе, со bona fide мисија. На оваа древна традиција, на ова старо и скапоцено културно тло, на ова, како што веќе се нарече, пратло на цивилизациите и на Европа, очекувам да отвориме нови и пошироки хоризонти на дијалог меѓу цивилизациите, културите и јазиците, очекувам да изградите нови мостови на соработка и дијалог, добрососедство и космполитизам, да промовирате и стимулирате културен, наместо воен натпревар меѓу народите. Посакувам и повикувам на итен крај на конфликтите и човековите трагедии, без оглед на припадноста од кој било вид. Можеби сум наивна, но се уште верувам во хуманизмот. Верувам во мир со природата, верувам во мир меѓу државите, нациите и луѓето, заснован врз вредности и принципи. Таквиот мир за мене нема алтернатива. Мора да се избориме за Кантовиот траен мир, ако сакаме да се очовечиме, зошто се расчовечивме, рече Сиљановска-Давкова.
Оцени и дека Охрид, како симбол и лулка на убавината, писменоста, хуманизмот и уметноста, е вистинско место за просветување и просветлување и за мирно описменување.
-Не случајно, премудриот Свети Климент Охридски за првоучителот Кирил Филозоф, рече дека: „Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен отец Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет“, осветлувајќи го со букви и слово, со генијална филологија и духовна светлина што им вдахнува живот на милиони говорници на сесловенската и македонска писменост и култура. Не случајно, поетот Анте Поповски напиша: „Се враќам таму. Пределот е невин, без допир, а птицата само го надлетува. Раскопувам и барам. Коска в коски. Збор во зборот. Слушам: не барај ги нив! Барај го она што го бараа тие.“ Сите ние, верувам дека копнееме, го бараме и сонуваме за „она што го бараа тие“, нашите праучители, налик на идејата за белите Рацинови мугри, трагајќи по вистинскиот пат на науката и вредностите што македонистиката и раскошниот македонски јазик може да ни ги откријат овде...на езерото, на прекрасното Охридско Езеро, во мојот роден град - Охрид, подвлече Сиљановска-Давкова во обраќањето, отворајќи ја 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. аб/мч/
фото: Кабинет на претседателот на државата