• четврток, 19 март 2026

Сиљановска-Давкова: Визијата на Борис Трајковски останува наша обврска

Сиљановска-Давкова: Визијата на Борис Трајковски останува наша обврска

Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска им оддаде почит на поранешниот претседател Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација, кои загинаа во авионската несреќа во Босна и Херцеговина пред 22 години.

- Дваесет и две години по трагедијата, со длабока тага повторно им оддадовме почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација, чии животи згаснаа во авионската несреќа во Босна и Херцеговина. Претседателот Трајковски ќе остане запаметен како државник, лидер и добар човек, чиј живот и политика се темелеа на принципи и вредности. Беше заколнат миротворец, борец за човекови права, длабоко веруваше во македонската европска иднина и во демократијата. Неговата визија останува наша обврска, напиша претседателката Сиљановска-Давкова на „Фејсбук“.

Во знак на сеќавање и благодарност претседателката се поклони пред вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Делегации им оддадоа почит и на Анита Кришан-Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населбата Илинден и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци. дма/са/

Фото: Фејсбук на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Остани поврзан