• понеделник, 23 декември 2024

Сите полнолетни Грци може да закажат термин за трета доза од вакцината против Ковид-19

Сите полнолетни Грци може да закажат термин за трета доза од вакцината против Ковид-19
Атина, 5 ноември 2021 (МИА) – Од денеска се отвора платформата за закажување термин за трета доза од вакцината против Ковид-19 за граѓаните во Грција со наполнети 18 години, под услов да се поминати шест месеци од вакцинацијата, јави дописничката на МИА од Атина. Претходно, трета доза примаа само лицата над 50 годишна возраст и досега се аплицирани 411.424 дози. Предуслов за вакцинација со трета доза е да се поминати шест месеци од ревакцинацијата со Фајзер, Астра Зенека или Модерна, или два месеци по примена вакцина од Џонсон и Џонсон. Третата дозата е со мРНА вакцина, односно засега, само со Фајзер, а во следниот период се очекува да се одобри и вакцината на Модерна за бустер доза. Вакцинираните со Џонсон и Џонсон, можат да изберат дали втора доза ќе примат од истата вакцина или ќе се вакцинираат со Фајзер. Во средата, говорејќи од Парламентот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги повика и охрабри вакцинираните да примат и трета доза. - Секако, многу е полесно да ги убедиме некои од нашите сограѓани кои веќе се вакцинирани да примат и бустер дозата, отколку да ги убедиме оние кои, за жал, сè уште вакцината ја гледаат со голем скептицизам, резервираност или во многу случаи дури и со апсолутно одбивање, рече Мицотакис. Според последните официјални податоци, заклучно со понеделникот, во Грција целосно вакцинирани се 60,8 проценти од општото и 70,1 отсто од полнолетното население. ср/ми/

Остани поврзан