• четврток, 30 јануари 2025

Сирискиот огранок на Ал Каеда објави самораспуштање

Сирискиот огранок на Ал Каеда објави самораспуштање

Дамаск, 29 јануари 2025 (МИА) - Малата џихадистичка група Хурас ал Дин – сириски огранок на Ал Каеда – соопшти денеска дека се распушта, наведувајќи дека одлуката е донесена по падот на режимот на Башар ал Асад.

Групата, која се наоѓа на американската листа на терористички организации, посочи дека самораспуштањето е „одлука на главната команда на Ал Каеда во согласност со развојот на ситуацијата во Сирија“.

Коалиција од бунтовнички групи, предводена од радикалното исламистичко движење „Хајат Тахрир ал Шам“ (ХТШ), на 8 декември ја презеде власта во Дамаск по соборувањето на Башар ал Асад. Новата сириска влада најави разоружување на вооружените групи.

„Хурас ал Дин“, која вклучува странски џихадисти, беше стационирана во планинските предели на северозападна Сирија – област што долго време се сметаше за бунтовничко упориште, пред Дамаск да падне во рацете на бунтовниците.

Според Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, групата „објави распуштање за да избегне вооружен конфликт со ХТШ“.

Според разузнавачката група SITE, која ги надгледува исламистичките веб-страници, Хурас ал-Дин е основана во февруари 2018 година, речиси две години по отцепувањето на Џабхат ал Нусра, од кое произлезе ХТШ..

Групата е на американската листа на терористички организации, а Министерството за финансии на САД има распишано награда за апсење на нејзините лидери.

Во август минатата година, американските сили објавија дека ликвидирале висок претставник на групата, Абу Абдул Рахман ал Маки, кого го обвинија дека бил „одговорен за терористички операции во Сирија“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан