Сириската влада почна со евакуација на бедуински семејства од Свеида по прекинот на огнот
- Сириската влада денеска почна со евакуација на бедуинските семејства кои беа заглавени во Свеида, по една недела судири меѓу владините сили и локалната верска заедница во тој јужен регион од земјата.
Бусра Ал-Харир, 21 јули 2025 (МИА) – Сириската влада денеска почна со евакуација на бедуинските семејства кои беа заглавени во Свеида, по една недела судири меѓу владините сили и локалната верска заедница во тој јужен регион од земјата.
Во меѓусебните напади меѓу Друзите и сунитските бедуини загинаа неколку стотици луѓе, а според податоците на Агенцијата на Обединетите нации за миграции (ИОМ), 130.000 лица се внатрешно раселени.
Министерот за внатрешни работи Ахмад ал-Далати за државната новинска агенција Сана изјави дека властите формирале безбедносен кордон во близина на Свеида со цел да се обезбеди областа, а борбите таму вчера официјално биле прекинати.
Автобуси со бедуински семејства денеска ја напуштиле Свеида во придружба на возила на брзата помош и арапската Црвена полумесечина, додека на владина делегација со друг конвој со помош не и бил дозволен влез во градот.
Невладината организација со седиште во Лондон, Сириската опсерваторија за човекови права, соопшти дека, како дел од договорот, бедуинските борци ќе мора да ги ослободат жените Друзи, кои моментално се во заробеништво.
Откако пропаднаа преговорите за размена на заробеници доцна синоќа, опсерваторијата и активистички групи во Свеида јавија дека слушнале, како што наведуваат, израелски воздушни напади.
Сирискиот претседател Ахмад ел-Шарах вети дека ќе ги повика на одговорност извршителите на нападите и другите прекршувања на законот.
Во Сирија живеат повеќе од 500.000 Друзи, а тие како верско малцинство се присутни и во Либан и Израел. јт/
Фото: ДПА