• сабота, 23 ноември 2024

Синдикат на УПОЗ: Да има усогласување на платите со минималната плата

Синдикат на УПОЗ: Да има усогласување на платите со минималната плата
Прилеп, 8 февруари 2022 (МИА) - За поздравување е одлуката за покачувањето на минималната плата, но мора да има и усогласување на сите плати. Во спротивно, некој ќе добие покачување, друго ништо, велат од синдикатот на УПОЗ каде е најизразена ситуацијата. На денешната прес-конференција во прилепската локална самоуправа, претседателот на синдикатот на УПОЗ на Македонија Трпе Деановски, рече дека прилепската локална самоуправа со потпишувањето на колективниот договор даде пример како треба да биде. Тоа го прифатија и други локални самоуправи, но дел прилепски советници одбиваат да се согласат. - Вработените во државната управа, во локалната самоуправа и во правосудството беа и останаа единствените вработени во државава кои имаат плата под минималната. На 30 декември минатата година во општина Прилеп, заедно со прилепскиот градоначалник Јовчески потпишавме колективен договор со кој конечно го решаваме прашањето на плати, односно усогласување на платите во прилепската локална самоуправа, вели Деаноски. Тоа, како што рече, значи дека вработените кои имаат под минимална плата, ќе се изедначеа со минималната плата, а сите други вработени во Општината, ќе имаа усогласување на платите со минималната. Односно, како што појасни, ќе добиеја малку повисоки плати, за пет отсто. - Овој Колективен договор, помина на седница на Советот, беше поддржан од сите советници, за оддеднаш потоа истите тие советници што го гласаа овој Колективен договор, се противат на него. И тоа се противат само во делот за платите. Вчера, имаше седница на Економско-социјалниот совет, каде Владата излезе со прогноза дека минималната плата со исплата во април ќе биде 18.000 денари. Сега ќе имаме неповолна ситуација само за вработените во локалните самоуправи, во државната управа и во правосудството во цела Македонија. Бидејќи, кај нас, ситемот на плати е различен од системот на минималната плата. Кај нас системот на плати е според образование и според ниво. Сега Владата несвесно, иако беше многупати досега укажано од синдикатот на УПОЗ и на сите синдикати во јавниот сектор, отвори пандорина кутија која нема да може да ја затвори. Тоа ќе значи дека ќе имаме едно ниво со средно образование кое ќе има иста или повисока плата од вработените со високо образование и ниво на помошно-технички вработени, кое ќе дојде со иста плата со вработените со високо образование, вели Деаноски. Според него, неопходно е уважување на членот 8 од Законот за минимална плата каде се прецизира усогласувањето на платите со порастот на минималната плата. - За поздравување е зголемувањето на минималната плата и тоа е голем чекор. Но, не можам да сфатам зошто Владата не најде и нема слух да го уважи членот 8 од Законот за минимална плата како што тоа се направи во прилепската локална самоуправа со потпишувањето на Колективниот договор. Овој Колективен договор што овде е на сила и што сега советниците го спорат е направен прецизно според Законот, и тоа според Законот за административни службеници и според Законот за минималната плата, каде во членот 8 се вели дека со порастот на минималната плата, се усогласуваат сите останати плати, а не само тие што се на минимална плата. овој колективен договор во прилепската локална самоупорава, го прифатија и други општини. беше предвесник на решавање проблеми во сите локални самоуправи. На крајот од советниците добивме одговор, ако се исплатела повисока плата, тоа ќе било кривично дело. Но, не е така. Ако не се примени Колективниот договор, тоа ќе претставува кривично дело, објаснува Деаноски. Синдикатот на УПОЗ застанува зад сите вработени и не се исклучени и тужби за остварувањето на правата на вработените со Колективниот договор. - Непочитувањето на Колективниот договор, претставува кривично дело и повлекува казна затвор. Ќе направиме сѐ за вработените да си го остварат правото на Колективниот договор, ќе направиме сѐ за да не го оштетиме буџетот на општина Прилеп со тужбите може да следуваат, но ќе ги повикам советниците да размислат што прават, без разлика на нивната политичка припадност и да си го одржат зборот за тоа што го гласале и да им дадат на вработените шанса за пристојна плата. Сега, платите на оние со високо образование се 22.000 денари. Недостасуваат инспектори, во ИТ- секторот, но никој нема да се согласи да рабити за таа плата. Ги повикуваме советниците да се преиспитаат и да им овозможат на вработените пристојна плата, вели Деаноски. Бошко Талески, претседател на синдикатот во локалната самоуправа апелира советниците да го прифатат Колективниот договор. - Ние не бараме никакво незаконито покачување на вредноста на бодот. Ние бараме само усогласување на вредноста на бодот согласно со законот за минимална плата. Бараме усогласување на платите со минималната плата, рече Талески. ем/мс/    

Остани поврзан