Синајскиот архиепископ Дамианос најави повлекување и почеток на процедурите за избор на негов наследник
- По последните случувања и тензиите во синајскиот манастир Света Катерина, архиепископот Дамианос, преку писмена изјава објавена во грчките медиуми, најави дека ќе започнат предвидените процедури за избор на негов наследник, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 4 септември 2025 (МИА) – По последните случувања и тензиите во синајскиот манастир Света Катерина, архиепископот Дамианос, преку писмена изјава објавена во грчките медиуми, најави дека ќе започнат предвидените процедури за избор на негов наследник, јави дописничката на МИА од Атина.
Архиепископот Дамијанос посочи дека ја информирал грчката влада за својата одлука, што е, како што објасни, во духот на она што веќе го разговарал со Вселенската патријаршија и црквата на Грција.
- Бидејќи сега веќе е јасно дека Светото Синајско братство се согласува со стратешките цели и тактичките методи за справување со егзистенцијалната криза со која се соочува манастирот на кој му го посветив целиот свој живот, дојде време да ја преземам мојата одговорност и да ги обезбедам процедурите за наследник, што започнуваат веднаш и мора да се завршат брзо, но на соодветен начин, за да може Светото Синајско братство, обединето, да се фокусира на решавање на големиот проблем со кој се соочува, соопшти 91-годишниот архиепископ.
Во изминатиот период манастирот Света Катерина беше во фокусот на вниманието и поради статусот, но и поради внатрешните проблеми и несогласувањата на група монаси за кои самиот Дамианос обвини дека се обиделе нелегално да го разрешат, а потоа откако биле исклучени од братството одбиле да го напуштат манастирот.
Преку видео објавено во грчките медиуми, архиепископот, кој е и игумен на синајскиот манастир Света Катерина, минатата седмица упати апел до Владите на Египет и Грција да го заштитат, бидејќи како што рече, неговиот живот е во опасност. ср/