• четврток, 25 декември 2025

Симулациска показна вежба за повреди предизвикани од употреба на пиротехнички средства во Куманово

Симулациска показна вежба за повреди предизвикани од употреба на пиротехнички средства во Куманово

Куманово, 19 декември 2025 (МИА) - Општинска организација Куманово реализираше показна симулациска вежба по прва помош, во соработка со СВР Куманово и Итна медицинска помош Куманово. Активноста беше организирана на градскиот плоштад, а ја проследија ученици и млади.

-Вежбата има за цел зголемување на видливоста и директно информирање на граѓаните за сериозните опасности што произлегуваат од несоодветната и неконтролирана употреба на пиротехнички средства, особено во периодот на новогодишните празници, изјави Ива Младеновска, секретар на Црвен крст Куманово.

Во рамки на вежбата беше прикажано реално сценарио на повреда предизвикана од пиротехничко средство. Волонтерите на Црвениот крст учествуваа во повеќе улоги, симулираа употреба на пиротехника, повредено лице со тешка повреда на прстите, како и тим за прва помош кој интервенираше по пријава од страна на полицијата.

Тимот за прва помош од Општинската организација на Црвен крст Куманово, опремен со соодветна медицинска опрема и возило, навремено пристигна на местото на настанот и професионално укажа прва помош, по што повреденото лице беше преземено од екипа на Итна медицинска помош и транспортирано на понатамошно лекување.

Ива Додевска и Адем Левиќ покажаа како се санираат најчестите повреди предизвикани од пиротехника, ампутирани прсти, изгореница на дланка и удар во слепоочница. Двајцата апелираа да не се користи пиротехника и младите безбедно да уживаат во празничниот период. Надлежните сметаат дека со реализацијата на симулациската вежба се придонесува кон зголемување на јавната свест за ризиците од употреба на пиротехнички средства и се унапредува меѓуинституционалната соработка и координација помеѓу Црвениот крст, полицијата и здравствените служби.

СВР Куманово апелираше граѓаните максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства. Оттаму потсетија и на законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. ам/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан