Симион ветува дека ќе го спречи американското повлекување од Романија
- -Ние сме природни сојузници, идеолошки сме усогласени со Републиканската партија, движењето МАГА, рече тој.

Букурешт, 12 април 2025 (МИА) - Лидерот на романската десничарска опозиција Гоерге Симион, фаворит на мајските претседателски избори, вчера изјави дека тој е единствениот кандидат кој може да спречи можното повлекување на американските трупи од земјата.
Романија ќе ги повтори претседателските избори на 4 и 18 мај, откако Уставниот суд ги поништи изборите во декември поради обвинувањата за руско мешање, што Москва ги негираше.
Романската јавност е загрижена за можното намалување на американските сили во Европа и иднината на НАТО, бидејќи американските медиуми објавија дека Вашингтон подготвува планови за намалување на американските сили во Источна Европа.
Симион, лидер на опозициската Алијанса за обединување на Романија, втората по големина партија во земјата, го цени Трамп и неговото движење МАГА („Направете ја Америка повторно голема“).
-Ми се чини дека би било опасно да нема повеќе американски војници во Романија и јас сум единствениот кандидат кој може да го спречи тоа, рече Симион на вчерашната прес-конференција која траеше повеќе од пет часа.
-Ние сме природни сојузници, идеолошки сме усогласени со Републиканската партија, движењето МАГА, рече тој.
„Не знам што очекуваа од САД оние кои извршија државен удар против демократијата на 6 декември, да не реагираат, да не ги повлечат силите, да го признаат поништувањето на изборите и да им аплаудираат“, додаде тој.
Неговата партија се трансформираше од маргинална анти-ваксер група за време на пандемијата во водечка опозициска сила, привлекувајќи ја работничката класа во дијаспората и младите луѓе незадоволни од мејнстрим политичарите.
Симион го поддржува враќањето на границите на Романија од пред Втората светска војна, кои опфаќаа области сега во Бугарија, Молдавија и Украина, за кои беше прогласен за непожелен во Молдавија и Украина.
Како критичар на раководството на ЕУ, тој, исто така, рече дека ќе ја прекине воената помош за Украина, која граничи со Романија. Тој, исто така, се противи на учењето за холокаустот и геј браковите.
Тој вчера исто така рече дека го поддржува зголемувањето на трошоците за одбрана доколку тоа ја зајакне романската индустрија. сд/
фото:ЕПА