• петок, 14 февруари 2025

СЗО повика на јасни и видливи предупредувања за рак од алкохолни пијалоци

СЗО повика на јасни и видливи предупредувања за рак од алкохолни пијалоци

Женева, 14 февруари 2025 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) објави нови резултати од истражување што покажуваат загрижувачки ниска свест за врската помеѓу алкохолот и ракот во Европа, што ја поттикна да повика на воведување јасни и видливи предупредувања за алкохолните пијалоци, слични на оние на пакувањата со цигари.

Алкохолот предизвикува 800.000 смртни случаи во Европа секоја година, но само мал процент од населението е свесен за ризиците, соопшти европската канцеларија на СЗО, повикувајќи се на ново истражување.

Само 15 отсто од испитаниците знаат дека алкохолот предизвикува рак на дојка, додека 39 отсто се свесни за неговата поврзаност со ракот на дебелото црево, се вели во соопштението на СЗО.

Се додава дека „јавната свест за врската помеѓу алкохолот и ракот, покрај тоа што ракот е водечка причина за смрт од алкохол во Европската унија, е алармантно ниска“.

СЗО повторно предупреди дека алкохолот предизвикува рак и поддржа јасно означување на производите, но првпат јасно повика на нови владини регулативи.

Предупредувањата треба да бидат во писмена форма, кои би можеле да се комбинираат со фотографии.

Во моментов, само три од 27 земји на ЕУ имаат такви предупредувања. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан