• недела, 22 декември 2024

Се чистеше отпад крај Тиквешко Езеро

Се чистеше отпад крај Тиквешко Езеро

Кавадарци, 5 јуни 2024 (МИА) - Еколошка акција беше реализирана денеска во Кавадарци, се чистеше отпад крај Тиквешко Езеро, во делот на село Брушани. Со тоа беше одбележан светскиот ден за заштита на животната средина. Настанот беше во организација на регионалното еколошко друштво „Еко - живот", во соработка со кавадаречката локална самоуправа. 

- Освен еко активисти волонтери во нашата организација и претставници на Општината, во овие еколошки активности учествуваа и претставници на невладиниот сектор и членови во невладини организации, средношколци од гимназијата и електро - машинското училиште, основци од основното училиште „Димката Ангелов Габерот", луѓе од јавното комунално претпријатие и од месната заедница. Со ова се грижиме за природата и поттикнуваме на еколошки иницијативи, со цел унапредување на животната средина, рече Роберто Паризов, претседател на „Еко - живот". 

Тој нагласи дека станува збор за традиционална еколошка акција, што се организира во соработка со Општината. 

Пред присутните, Паризов се осврна и на природните богатства на подрачјето богато со различни видови птици, лилјаци, пештери, што претставуваат потенцијал за развој на туризмот. Неопходно е, подвлече тој, зголемување на свеста, со цел да не се валка природата и да се заштитува животната средина. 

На неопходноста од зачувување на природните богатства се осврна и Зоран Младеновски, советник за животна средина при локалната самоуправа. Тој нагласи дека грижата кон природата ќе продолжи и во иднина, најавувајќи понатамошма соработка околу вакви и слични еколошки активности. свд/дма/


Фото : МИА 

Остани поврзан