• сабота, 27 јули 2024

Се разгледуваат можностите за нов пат околу викенд населбата на Попова Шапка

Се разгледуваат можностите за нов пат околу викенд населбата на Попова Шапка

Тетово, 19 јуни 2022 (МИА) - Се разгледуваат можностите за нова сообраќајница околу викенд населбата на Попова Шапка. Според објавата на општина Тетово, градоначалникот Билал Касами заедно со раководителите на секторите за урбанизам, комунални дејности, Општинскиот инспекторат и со проектанти, инженери и геодети вчера го разгледувале местото каде е планирано да се отвори нов пат.

-Одблиску го видовме местото каде што е планирано да се отвори нов пат почнувајќи од влезот на Попова Шапка со што би се создал кружен тек и можност да има еднонасочен сообраќај за влез и излез не само во викендичките, туку и слободно движење до туристичкиот дел без пречки и во текот на зимата. Патот покрај викенд куќите ќе биде по сите потребни стандарди и ќе ги исполнува условите за сообраќај на автобуси за странските туристи, информира Касами.

Според него, во процедура е и Деталниот урбанистички план за Попова Шапка.

- Како општина максимално ќе се заложиме овој план што поскоро да им биде достапен на заинтересираните граѓани. Заедно со Општинскиот инспекторат извршивме увид и во новоградбите и вреди да се нагласи дека за разлика од минатите години, годинава притисокот за градење дивоградби и обидот за узурпација на јавен имот е значително намален и лично им се заблагодарувам на граѓаните за нивната учтивост и разбирање, порача Касами.

Тој упати апел до сите кои се заинтересирани за изградба на нови објекти, да имаат трпение додека не се изготви Деталниот урбанистички план и дека секој ќе може да изгради објект или викенд куќа согласно закон и правила, исполнувајќи ги сите стандарди. ас/бак/

Остани поврзан