• вторник, 02 јули 2024

СЕ: Повлекувањето на Русија од Конвенцијата за заштита на националните малцинства загрозува 25 милиони луѓе

СЕ: Повлекувањето на Русија од Конвенцијата за заштита на националните малцинства загрозува 25 милиони луѓе

Стразбур, 12 јануари 2024 (МИА) – Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, како едно од работните тела на Советот на Европа, денеска изрази длабоко жалење што Русија се повлече од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, наведувајќи дека на овој начин повеќе од 25 милиони членови на бројни национални малцинствата во Русија се лишени од заштитата на овој меѓународен инструмент.

Советодавниот комитет повторно изрази длабока загриженост за ситуацијата во која се наоѓаат припадниците на националните малцинства во Русија, вклучително и домородното население, соопшти Советот на Европа.

Во соопштението се наведува дека Советодавниот комитет укажува дека младите мажи од малцинствата се презастапени меѓу регрутите и убиените во руската агресивна војна против Украина, дека се намалени правата на припадниците на националните малцинства да ги користат мајчините јазици и образование, и дека активистите кои ги застапуваат правата на малцинствата се изложени на сериозни прекршувања на човековите права.

Советодавниот комитет е исто така загрижен за извештаите добиени од претставници на националните малцинства во Украина кои живеат на полуостровот Крим и други територии под привремена контрола или окупација на Русија, се наведува во извештајот.

Се додава дека припадниците на националните малцинства „покрај човечкото страдање и уништувањето на културното наследство, а се предизвикани од агресија, во моментов се изложени и на кршење на човековите права и политиката на асимилација од страна на окупаторските сили“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан