• петок, 05 декември 2025

Се одржа 4. Атлетска трка „Трчаме за Рацин“

Се одржа 4. Атлетска трка „Трчаме за Рацин“

Велес, 9 јуни 2025 (МИА) - Жан Тошев од АРМ на 10 и Роберто Димитриевски од АК „Велес“ на 5 километри во машка конкуренција и Теа Божиновска од АК „Скопски маратон“ на 10 и Емили Ивановска од АК „Скопски маратон“ на 5 километри во женска конкуренција се победници на  4. Атлетската трка „Трчаме за Рацин“.

Се одржа синоќа по кружна патека по главните велешки улици со старт и цел кај споменикот на Рацин кај Гимназијата „Кочо Рацин“.

Организатор на двете трки што се трчаа истовремено  е АК„Борец“ со поддршка на Општина Велес и спонзори, а на истата учествуваа атлетичари од спортските клубови во земјава и рекреативци. Воедно, претходно се одржа и Детската трка на која по категории учествуваа велешките основци.

Инаку трката се бодува во македонската трката лига која годинава е востановена за првпат.

Во машка конкуренција на 10 километри втор е Миле Бачевски од АК „Скопски Маратон“, а трет Трајче Илијевски од АРМ  и воедно член на  АК „Борец“.

Во женска конкуренција втора на 10 километри на целта пристигна Биљана Кираџиева од „Кираџиев Тренинг Систем“,а трета Марија Пеликон од АРМ.

Во машка конкуренција на 5 километри втор е Петар Даев од АК „Борец“ , а трет Петре Завировски од АК„Вардар“.


Во женска конкуренција на 5 километри втора на целта пристигна Ирена Бицевска од АК „Меридиан“ а трета Ивана Кипријановска.

Роберто Димитриевски од АК „Велес“ победникот на 5 километри и најбрз од велешките атлетичари, кој по 4-ти пат  учествува на оваа трка, каде лани беше втор, во изјава за МИА, изрази задоволство од поебадата и благодарност за поддршката до велешани и особено до своето семејство.

-Среќен сум што победувам на оваа трка посветена на нашиот  Рацин познат по цел свет со своите Бели Мугри. Оваа победа не е случајна, зад неа стои огромен труд и напорни тренинзи со денови, месеци и години на патеката во Градскиот парк. Последните две недели освен во Градскиот парк, напорно трчав и се подготвував и  по велешките улици од кои многу и се стрмни, а трчав и  по дожд и сонце  и високи температури, а топла и спарна беше и вечерашната трка, но издржав, оти  верував во себе, го дадов својот макимум и  знаев дека ќе победам. Оваа победа воедно ми е поттик да продолжам со  нови победи на домашни и меѓународни трки. Како и досега секогаш и секаде  достојно и со гордост да го веам македонското знаме како нејзин спортски амбасадор, истакна Димитриевски.

Додава  дека посебно го радува што на Детската трка од година во година учествуваат се’ повеќе деца, што е голема радост за  сите дека Велес како спортски град има иднина и треба и понатаму да ги поддржува младите во спортот.

Организаторите од АК „Борец“ искажаа голема благодарност до Општина Велес, која со 400 илјади денари годинава  ја поддржа трката. Тие потенцираа дека Велес гордо стои на Атлетската мапа, таму каде што и припаѓа – со срце, со дух и со тркачки чекор напред. Со порака оваа традиција  да продолжи и во наредните години уште посилно и поинспиративно со нови трки и натпревари, тие им ви врачија признанијата на победниците.

Атлетската трка „Трчаме за Рацин“ е во чест на Коста Солев Рацин големиот поет и револуционер, а беше одржана  во рамките на програмата на 62. Рацинови средби, што ќе следат неделава. ад/свс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан