Се одржа велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2025“
- Во организација на Здружението МТБ Илинден, денеска се одржа велосипедската тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2025” со поддршка од Општина Илинден.

Скопје, 27 април 2025 (МИА) – Во организација на Здружението МТБ Илинден, денеска се одржа велосипедската тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2025” со поддршка од Општина Илинден.
Како што стои во соопштението на Општината, од пред спортската сала „Гоце Делчев“ на велосипедската тура, која е во должина од 40 километри тргнале околу 250 учесници.
– Истата почнува од Марино кон Кадино, по регионалниот пат во Миладиновци, се исклучува по земјена патека сѐ до манастирот во Дељадровци, низ Мршевци, па сѐ до крстот во Бучинци, на крај се упатува кон Ајватовци и завршува на почетната точка – кај спортската сала Гоце Делчев. Се вози групно со попатни паузи и се класифицира како средно тешка тура, што значи дека е потребна исклучителна подготвеност за нејзино исполнување, велат од Општината.
За време настанот, додаваат, од страна на Вело училиштето било организирана креативно-едукативна вело работилница за деца, кадешто најмалите имале можност низ игра и дружење да научат важни вештини за безбедно возење велосипед, како и за важноста од активен и здрав начин на живот. ра/ев/
Фото: Општина Илинден