Се гради енергетско-ефикасна фасада во деветолетката „Ванчо Прке“ во Делчево
- Започнаа градежните работи за изградба на енергетско-ефикасна фасада во Општинското основно училиште „Ванчо Прке“ во Делчево.
Делчево, 28 септември 2022 (МИА) - Започнаа градежните работи за изградба на енергетско-ефикасна фасада во Општинското основно училиште „Ванчо Прке“ во Делчево.
Увид во почетните работи денеска направи градоначалникот Горан Трајковски кој истакна дека станува збор за значаен проект за ова училиште кој освен што ќе донесе нов лик на училиштето, најзначајно е дека училиштето ќе штеди и енергија.
-Фасадата на училиштето не е реконструирана од неговото отворање во 1972, а изградбата на енергетско-ефикасна фасада е приоритетен проект за нашето училиште и во ова време на економска и енергетска криза, освен што значи нов лик на зградата, ќе донесе и заштеда на енергија и повеќе средства во буџетот на училиштето кое сега ги троши за затоплување, рече Трајковски.
Средствата за реконструкција на фасадата на училиштето како што додаде се обезбедени од пренамена на средства за изградба на карго-аеродромот во Штип, а врз основа на анализа за проценка на економска оправданост.
Директорот на училиштето Горан Велков, додаде дека паралелно се одвиваат и градежни работи за санација и реконструкција на дел од кровната конструкција која беше оштетена од неодамнешното невреме кое го зафати Делчево.
-Станува збор за површина на оштетен кров од 150 м2. Вкупната инвестиција за реконструкција на кровот е 960.000 денари од нив 80% покрива осигурителна компанија, а останатите се средства обезбедени од училиштето, рече Велков.
Реализацијата на проектот за изградба на енергетско-ефикасна фасада во делчевската деветолетка е преку Договорот со ТАВ и за овој проект е одвоени 5,1 милион денари. вс/ир