• понеделник, 09 март 2026

СЕММ: Лани поднесени 244 жалби за медиумски содржини

СЕММ: Лани поднесени 244 жалби за медиумски содржини

Скопје, 16 февруари 2026 - До Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на 2025 година беа поднесени 244 жалби за медиумски содржини, што е рекорден број претставки за една година. Од нив, 96 се разгледани од комисијата за жалби и се донесени 47 одлуки (за членови на СЕММ) и 43 мислења (за медиуми што не се членови на СЕММ), се вели во соопштението од СЕММ, што МИА го објавува интегрално. 

За 145 претставки е оценето дека немаат основа за разледување поради поминат рок, непознат жалител или, пак, се однесуваат на странски медиуми за што комисијата за жалби при СЕММ нема надлежност. Најголем број од жалбите без основа за разгледување (над 130) се однесуваа за медиумското известување за трагедијата во Кочани, главно за странски портали и телевизии. Сите стигнаа во интервал од само неколку часа, на 21 март 2025 година, што претставува уникатен случај во досегашната работа на медиумското саморегулаторно тело.

Од разгледаните претставки, прекршување на Кодексот на новинарите е утврдено во 58 жалби, а во 32 е утврдено дека нема прекршувања на професионалните и на етичките новинарски стандарди. Шест жалби се решени по пат на медијација или со т.н пријателско решение меѓу жалителот и медиумот.

Најчестите подносители на жалби, со основа да бидат разгледани, (36), се во групата „политичари, носители на јавни функции и јавни институции“. 25 жалби се поднесени од граѓани, 22 од организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 6 од медиуми или новинари, 6 од политички партии, а жалители од други категории имаат поднесено уште 4 жалби.
И во 2025, како и во претходните години, жалителите главно се поплакуваа на содржини објавени на интернет-порталите - дури 78 од разгледаните 96 жалби. На печатените изданија и нивното веб-издание се однесуваат 11 жалби, на веб-страниците на телевизиите - 6 жалби и една жалба е за телевизиска содржина.

Најчесто прекршувано правило од Кодексот на новинарите на Македонија и во 2025 година, според статистиката на СЕММ, е членот 1, кој од новинарот бара да објавува точни и проверени информации, со застапеност на втората страна. Потоа, според честотата на прекршување, следува членот 3, кој вели дека „новинарот ќе настојува да објави исправка, демант или одговор кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“. На третото место, според бројот на прекршувања, е членот 10 од Кодексот, кој од новинарот бара да не создава, ниту преработува говор на омраза или дискриминација по која било основа.

Прегледот на статистичките бројки и трендови укажува на тоа дека расте довербата во медиумската саморегулација, односно дека сè повеќе индивидуалци и организации ја користат алатката за поднесување жалба како сопствен придонес за поквалитетни медиумски содржини и одговорно новинарство.

Фото МИА архива

Остани поврзан