Селими: Локалната демократија е клучна за успешна децентрализација
- Нема успешна децентрализација без локална демократија. Овие два процеса се нераскинливо поврзани, порача денеска заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими на Првата регионална конференција на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3), која се одржува во Скопје под мотото „Резултати и регионално влијание: Зајакнување на локалното управување и граѓанското општество во Западен Балкан“.
Скопје, 12 ноември 2025 (МИА) – Нема успешна децентрализација без локална демократија. Овие два процеса се нераскинливо поврзани, порача денеска заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими на Првата регионална конференција на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3), која се одржува во Скопје под мотото „Резултати и регионално влијание: Зајакнување на локалното управување и граѓанското општество во Западен Балкан“.
Селими истакна дека проектот ReLOaD3 кој е финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНДП, е особено значаен затоа што воспоставува механизми за отчетно и транспарентно работење на локалните власти.
-Општините издвојуваат значителни средства за финансирање на проекти на граѓанските организации, но без унифицирани процедури, секоја општина го регулира финансирањето на различен начин. Транспарентноста и предвидливоста се клучни за градење доверба меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор, нагласи Селими.
Според него, примената на унифицирана методологија за распределување на буџетските средства ќе овозможи градење партнерски односи и заедничка соработка.
-Ова е патот кон поодговорно, демократско и отчетно управување на локално ниво со активно учество на граѓаните. Нашата цел е оваа добра пракса да се примени во сите општини, додаде тој.
Заменик-министерот потсети дека измените на Законот за локална самоуправа се во насока на дополнително развивање на локалната демократија, но донесувањето на законот застанало пред обезбедување на неопходното бадентерово мнозинство.
-Сметам дека ќе беше добро градоначалниците да го започнат својот мандат со новите законски решенија, но процесот е започнат и очекувам наскоро да биде заокружен, истакна Селими и изрази уверување дека добрите практики од проектот ќе им помогнат на општините кои досега беа опфатени и ќе придонесат за понатамошно зајакнување на локалната демократија во земјата.
Европската Унија вложува повеќе од 470 милиони евра за поддршка на граѓанското општество и медиумите во регионот, истакна раководителка на тимот за координација на граѓански организации и медиуми во Западен Балкан и Турција при Европската комисија, Симела Цакири на Првата регионална конференција на програмата ReLOaD3.
-Навистина ми е драго што имам можност да разговараме за тоа како можеме да придонесеме кон напорите на програмата Reload за зајакнување на локалната демократија и граѓанското учество, особено во контекст на процесите за приближување кон Европската Унија, истакна Цакири.
Таа потсети дека ЕУ ја поддржува и финансира програмата ReLOaD уште од 2017 година, која е дел од инструментот за граѓанско општество.
-Во претходните две фази придонесовме со околу 11 милиони евра и очекуваме да поддржиме околу 270 проекти во целиот регион, кои нудат услуги засновани на локалните приоритети. Повеќе од 33.000 граѓани ќе имаат придобивки од овие проекти, нагласи таа.
Според Цакири, конференцијата ќе служи како платформа за дијалог и размена на добри практики, со цел да се подобри транспарентноста, граѓанското учество и соработката меѓу локалните власти и граѓанското општество.
Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3) обезбедува поддршка за националните влади, локалните власти и граѓанските организации со цел подобрување на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните.
Преку програмата, шест национални влади ќе добијат помош за воспоставување ефикасен и транспарентен систем за соработка со граѓанското општество. Најмалку 50 општини ќе бидат поддржани за зајакнување на партнерствата со граѓанските организации преку обуки, размена на знаења и подобрени механизми за финансирање. Дополнително, над 120 граѓански организации ќе ги зајакнат своите капацитети и улога како застапници на заедниците, особено на ранливи групи како лица со попреченост, млади и жени во неповолна положба.
Програмата има за цел да создаде долгорочна одржливост и пошироки позитивни ефекти врз општеството, преку транспарентни процедури и инклузивно локално управување.бк/вј/
Фото: МИА