• недела, 22 декември 2024

Северна Кореја соопшти дека воените единици се подготвени да ја нападнат Јужна Кореја доколку се појават уште дронови

Северна Кореја соопшти дека воените единици се подготвени да ја нападнат Јужна Кореја доколку се појават уште дронови

Пјонгјанг, 13 октомври 2024 (МИА) – Северна Кореја денеска соопшти дека ги ставила своите борбени единици во состојба на готовност за да ја нападне Јужна Кореја, зголемувајќи го притисокот врз јужниот сосед откако повеќе дронови од југ беа забележани како летаат над главниот град Пјонгјанг.

Северна Кореја во петокот ја обвини Јужна Кореја дека користи дронови за фрлање пропагандни летоци над Пјонгјанг и се закани дека ќе одговори со сила доколку се повтори сличен инцидент.

Јужна Кореја одби да потврди дали ги испратила дроновите, но предупреди дека „остро ќе ја казни“ Северна Кореја доколку биде загрозена безбедноста на нејзините граѓани.

Во денешното соопштение што го пренесоа државните медиуми, севернокорејското Министерство за одбрана соопшти дека војската наредила артилериските и другите воени единици во близина на границата со Јужна Кореја „да се подготват да отворат оган“.

Неименуван портпарол на министерството изјавил дека севернокорејската војска им наредила на воените единици целосно да се подготват за ситуации како што се изведување итни напади врз неодредени непријателски цели кога Јужна Кореја повторно ќе ги испрати своите дронови преку границата.

Во посебна изјава подоцна денеска, портпаролот рече дека целата јужнокорејска територија „може да се претвори во купишта пепел“ по силен напад од Северна Кореја.

Аналитичарите предвидоа дека Северна Кореја ќе ги ескалира тензиите пред претседателските избори во САД следниот месец, за да се обиде да ја зајакне својата позиција во идната дипломатија со САД. јт/

Остани поврзан