• петок, 05 декември 2025

Северна Кореја планира изградба на нов воен брод од 5.000 тони

Северна Кореја планира изградба на нов воен брод од 5.000 тони

Пјонгјанг, 22 јули 2025 (МИА) - Северна Кореја планира да изгради уште еден ескадрен разурнувач од 5.000 тони за својата воена морнарица, откако два слични брода беа пуштени во вода претходно годинава.

Работниците во бродоградилиштето „Нампо“, лоцирано југозападно од Пјонгјанг, на вчерашен собир ветија дека ќе ја завршат изградбата на бродот до 10 октомври 2026 година, соопшти КЦТА.  Овој датум се совпаѓа со годишнината од основањето на Корејската работничка партија – единствената партија во земјата.

Режимот сега ќе изгради „ескадрен разурнувач број три од класата Чхве Хјон“, опишан како „моќен воен брод“.

Директорот на бродоградилиштето „Нампо“ ги повика работниците да го испочитуваат рокот за изградба со цел да придонесат за „планот за создавање на силни вооружени сили“ и „решително да ја заштитат неповредливоста на морскиот суверенитет и националните интереси“.

Во средината на јуни, Северна Кореја пушти во вода брод во присуство на лидерот Ким Џонг-ун – истиот брод што се преврте при првиот обид за спуштање во мај.

Церемонијата за бродот „Кан Гон“, кој го носи името на севернокорејски генерал убиен за време на Корејската војна (1950–1953), се одржа во бродоградилиштето „Раджин“ во градот Расон, потсетува КЦТА.

Првиот обид за пуштање во вода на ескадрениот разурнувач од 5.000 тони, изведен на 21 мај во пристаништето Чонџин, заврши со „сериозен инцидент“, соопшти Пјонгјанг.

Дел од долниот дел на трупот бил згмечен поради „криминален чин, предизвикан од крајна небрежност“, изјави Ким Џонг-ун. Државните медиуми тогаш јавија дека се уапсени четворица лица. ссм/

фото: архива

Остани поврзан