СДСМ повторно бара декласификација на документите во АНБ поврзани со обвинувањата за прислушкувања на Мицкоски
- - Скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ околу наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност е уште една политичка конструкција без покритие, со единствена цел да се дефокусира јавноста и да се креира лажна слика пред избори, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција повикувајќи ги институциите да ги декласифицираат документите за случајот.
Скопје, 11 септември 2025 (МИА) - СДСМ денеска на прес-конференција повторно побара да се декласифицираат документите за случајот со обвинувањата дека премиерот Христијан Мицкоски, додека бил лидер на оозоцијата бил прислушкуван од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
- Скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ околу наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност е уште една политичка конструкција без покритие, со единствена цел да се дефокусира јавноста и да се креира лажна слика пред избори, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција повикувајќи ги институциите да ги декласифицираат документите за случајот.
Филипче рече дека тие немаат од што да бегаат, дека вистината е една, и оти во времето на владеење на СДСМ немало апсолутно никаква злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност, ниту некакво незаконско пратење или прислушкување. Според него, зад одбивањето на Владата да ги обелодени документите се крие страв дека ќе се покаже отворено дека аферата е измислена и подметната.
Сè што треба да направи Владата е материјалите да ги декласифицира. Тоа е едноставно. Ако навистина сакаат јавноста да знае што се случувало, тогаш нека дозволат увид во документите. Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог, порача Филипче.
Изрази, како што рече, жалење што ниту на пратениците не им е даден увид во тие материјали, иако тие имаат соодветни безбедносни сертификати со што на некој начин е погазен Уставот.
Ако навистина ВМРО-ДПМНЕ нема што да крие, нека дозволи јавноста да ја дознае целата вистина. Нека се види кој бил следен, дали премиерот комуницирал со лица под надзор, дали имало злоупотреба и кој ја нарачал, рече Филипче.
Запрашан за најавената Резолуција за евроинтеграциите, претседателот на СДСМ рече дека тие се внимателни со целокупниот материјал и оти бара многу внимание на деталите.
-Овие денови ќе биде спремна резолуцијата и во текот на следната недела, во понеделник или во вторник, јас ќе ја образложам пред јавноста, пред медиумите и во исто време да ја поднесам во Парламентот. Тоа е резолуција која што сметам дека треба да биде во форма во која што сите партии треба да дадат свое мислење, свој импут. Не е нешто што е непроменливо, рече Филипче. Смета дека е најдобро партиите да ја разгледаат резолуцијата и да дадат свое мислење и после тоа да се дебатира во Парламентот за сето ова да не се злоупотреби за кампањата за локалните избори бидејќи темата е многу важна.
-Може да направиме до локалните избори нека се разгледува материјалот, нека дадат сугестии партиите, и веднаш послед изборите да дебатираме. Може и пред тоа. Јас сум отворен за сите опции, вели Филипче. ев/мд/
ФОТО: Архива