• недела, 22 декември 2024

СВР Тетово: Да се почитуваат законските прописи за управување електрични тротинети

СВР Тетово: Да се почитуваат законските прописи за управување електрични тротинети
Тетово, 13 јули 2021 (МИА) -  Со оглед на тоа што се повеќе се зголемува бројот на електрични тротинети Секторот за внатрешни работи Тетово упатува неколку апели и совети до корисниците на ваквите превозните средства. Советите се насочени пред се кон почитување на законските прописи и безбедноста на корисниците. -Потребно е да ги управуваат електричните тротинети по велосипедски патеки или ленти, а доколку не се изградени, по пешачки патеки, односно друга површина наменета за движење на пешаци. Возачот на електричен тротинет по велосипедска патека или лента не смее да се движи со брзина поголема од 25 километри на час. Доколку возачот на електричен тротинет се движи по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, брзината не смее да биде поголема од 6 километри на час, потенцира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово. Од полицијата посочуваат дека електричен тротинет не смее да управува дете помладо од 14 години, а возачот задолжително треба да носи заштитен шлем на главата како и дека не смее да превезува други лица и во услови на намалена видливост должен е да носи рефлектирачки елек. -Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека за непочитување на овие законски одредби предвидени се парични глоби од 50 до 120 евра во денарска противвредност. Толку се движат паричните глоби и за родителите на лица кои управуваат електрични тротинети и не се придржуваат на законски предвидените правила и прописи за оваа категорија учесници во сообраќајот, информира Јосифоски. Во насока на унапредување на состојбите со овој вид превозни средства тетовската полиција минатиот месец започна и превентивен проект насловен „Поголема безбедност на пешаците,мотоциклистите, велосипедистите и возачи на електрични тротинети и запознавање со позначајни прописи и измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“.ас/свс/

Остани поврзан