• петок, 22 ноември 2024

СВР Битола апелира граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска

СВР Битола апелира граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска

Битола, 9 ноември 2022 (МИА)Секторот за внатрешни работи-Битола, поради евидентирани пријави од страна на граѓани за извршени измами од страна на лица кои лажно се претставуват и на различни начини ги доведуваат до заблуда оштетените со цел да остварат парична или друга корист, апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.

Најчеста измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивни блиски предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор.

-Измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите. Друга честа измама за која граѓаните пријавуваат е дека им се ветуваат најразлични производи или  услуги како огревни дрва, лекарства, купување на возила, купување на станови, организации на настани, откуп на железо и друго, при што измамниците сето тоа го прават телефонски и не се појавуваат. Посебен апел би сакале да упатиме,  до повозрасните лица и пензионерите, посебно да внимаваат кога ги подигнуваат нивните пензии од банките и банкоматите каде има поголема фреквенција на луѓе, особено да посветат внимание на нивното опкружување, а паричните средства соодветно да ги чуваат во паричници и да внимаваат да не бидат предмет на измама, нагласуваат од СВР-Битола.

Дел од пријавените измами на подрачјето на СВР Битола се однесуваат и на наводен откуп на железо, при што парите се даваат најчесто на наводен такси превозник.

Измамите претставуваат кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор од три до пет, односно 10 години, зависно од големината на причинетата материјална штета.

Секторот за внатрешни работи Битола презема интензивни мерки и активности за спречување на ваквите појави и расчистување на пријавените измами, се посочува во соопштение до битолчани. мт/сст/

Остани поврзан