• петок, 22 ноември 2024

Свириденко: Украина почна да извезува жито преку хрватските пристаништа

Свириденко: Украина почна да извезува жито преку хрватските пристаништа

Киев, 7 септември 2023 (МИА) - Украина започна да извезува жито преку хрватските поморски пристаништа, со цел да ги прошири своите извозни рути бидејќи нејзините пристаништа на Црното Море се блокирани, изјави денеска првата вицепремиерка Јулија Свириденко.

Главниот извозен пат на Украина минуваше низ нејзините црноморски пристаништа, но Киев бара алтернатива по руската инвазија минатиот февруари и одлуката на Москва да се повлече од Црноморскиот договор за жито во средината на јули.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави во Загреб на крајот на јули дека Украина и Хрватска се договориле за можноста за користење на хрватските пристаништа на Дунав и Јадранското Море за извоз на украинско жито.

„Украинското жито веќе е извезено преку хрватските пристаништа. Ние сме благодарни за оваа можност. Иако станува збор за ограничена трговска рута, таа е веќе популарна“, рече Свириденко.

„Подготвени сме да ја развиваме со ширење на можностите на сообраќајниот коридор. Веруваме дека оваа логистичка рута ќе игра важна улога во билатералната трговија меѓу нашите земји и по војната“, нагласи Свириденко.

Таа не посочи колку украинско жито веќе е испорачано низ хрватските пристаништа.

Украинскиот синдикат на трговци УГА оваа недела објави дека комбинираната жетва на жито и маслодајни семиња во 2023 година може да достигне 80,5 милиони метрички тони, што значи дека околу 49 милиони тони би можеле да се извезат во сезоната 2023/2024.

Министерството за земјоделство соопшти дека од 1 септември досега се извезени вкупно 4,5 милиони тони. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан