• сабота, 21 декември 2024

Свечено отворени Европските игри во Краков, настапуваат 17 македонски спортисти

Свечено отворени Европските игри во Краков, настапуваат 17 македонски спортисти

Краков, 22 јуни 2023 (МИА) – Во полскиот град Краков синоќа свечено беа отворени третите Европски игри на кои до 2 јули ќе настапат и 17 македонски спортисти во седум дисциплини.

Европските игри на стадионот „Висла“ во Краков ги отвори полскиот претседател Андреј Дуда, а македонското знаме на церемонијата на свеченото отворање го носеа каратистот Емил Павлов и таеквондистката Милијана Рељиќ.

Околу 7.000 спортисти од 48 европски земји настапуваат на Игрите чиј домаќини се Краков и уште 12 полски градови, а ќе се натпреваруваат во 29 спортови или дисциплини, од кои дури 19 се бодуваат за директни норми за настап на Олимписките игри 2024 во Париз.

На церемонијата на свеченото отворање, полските организатори изразија гордост што се домаќини на најголемата мултиспортска манифестација во Европа по Олимписките игри 2012 во Лондон.

Пораката на Игрите гласи „Мир во Европа“, бидејќи Полска е домаќин на оваа манифестација во екот на руската агресија врз Украина и бројните економски предизвици ширум Стариот континент.

На церемонијата на отворањето, покрај домаќинот, најсилен аплауз доби Украина, додека руските и белоруските спортисти не учествуваат на манифестацијата.

Македонските спортисти ќе настапат во карате (Емил Павлов), спортско стрелаштво (Анастасија Мојсовска, Мартин Ангелески), таеквондо (Дејан Георгиевски, Анамарија Георгиевска, Милијана Рељиќ), текбол (Димитар Пејчиновски), кајак (Анѓел Петрушев. Никола Малевски, Владимир Малевски), мечувалство (Никола Николовски, Петар Србиновски, Петар Дамјановски, Матеј Тодороски) и бокс (Атила Илхан Озмен, Ален Рустемовски и Архан Исени). ег/дма/

Фото: МОК

Остани поврзан