• четврток, 14 ноември 2024

Свеченото отворање на Струшките вечери на поезијата ќе биде во хотел „Дрим“

Свеченото отворање на Струшките вечери на поезијата ќе биде во хотел „Дрим“
Струга, 24 август 2022 (МИА) - Свеченото отворање на 61. издание на Струшките вечери на поезијата утревечер ќе се одржи на летната тераса во хотелот „Дрим“, најави денеска дирекцијата на фестивалот. Одлуката за промена на локацијата од платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, според информацијата на националата установа „Струшки вечери на поезијата“ е поради најавата за поројни дождови. - Поради исклучително неповолната метеоролошка прогноза што предвидува поројни дождови во попладневните часови во Струга, в среда во термин кога на отворен простор, пред платото на Центарот за култура беше предвидено да се поставува масивна опрема за осветлување и озвучување и која може да претрпи оштетувања и прогноза за поројни дождови, в четврток попладне, бевме принудени да донесеме одлука за промена на локацијата на свечното отворање за да го минимизираме ризикот од откажување на настанот, стои во соопштението на СВП. Изразуваат надеж дека временската прогноза за во недела ќе биде поволна и затворањето на Фестивалот ќе се одржи на традиционалната локација на Мостот на поезијата. Фестивалот Струшки вечери на поезијата почнува на 25 август, а ќе трае до 29 август, според дирекцијата, ќе ги задржи препознатливите програмски содржини. Најавено е присуство на 24 странски и триесетина домашни поети на главните поетски читања. - Во програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети, информира СВП. Годинашното издание ќе се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката. сс/мд/

Остани поврзан