• понеделник, 23 декември 2024

Светски ден на слободата на печатот - 3 мај: Датум посветен на слободата на медумите, професионалната етика и новинарите

Светски ден на слободата на печатот - 3 мај: Датум посветен на слободата на медумите, професионалната етика и новинарите
Скопје, 3 мај 2021 (МИА) - Со одлука на Генералното собрание на ОН од 1993 година, 3 мај е прогласен за Светски ден на слободата на печатот, со цел да ги потсетува владите на потребата од почитување и посветеност на слободата на медумите, но исто така и да ги поттикне новинарите на размислување за прашања за слободата на печатот и професионалната етика. Светскиот ден на слободата на печатот е и ден на поддршка на медиумите кои се изложени на обиди за нивно укинување или ограничување на нивната слободата на изразување, но и ден на сеќавање на новинарите кои ги загубија животите во текот на својата работа. Според последниот извештај на Репортери без граници, Северна Македонија напредуваше за две места на Светската листа на слобода медиумите во 2020 година и со 31,67 поени се најде на 90-то место. Репортери без граници за состојбата со слободата на медиумите во наведоа дека „високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а кибер-вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми“. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост, оцени организацијата, збележувајќи и дека пандемијата, како на многу други места во светот, ја усложни работата на новинарите на терен. - Медиумските организации силно се противеа на разните предложени амандмани за законот за аудиовизуелни медиуми кои би овозможиле државно рекламирање во медиумите. Тие се противат на ова врз основа на фактот што тоа ќе охрабри клиентелизам, стои во освртот на Репортери без граници за Северна Македонија, во кој се додава дека промените во Kривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда би требало да донесат поголема заштита за новинарите во државата. Закани за насилство врз новинарите во земјава, се констатирани и во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права, во кој се посочува дека „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“. Во тој контекст во извештајот се посочува случајот со дописничката на МИА од Брисел. - Неколку дена во текот на јули, дописникчката државната новинска агенција МИА Тања Милевска во Брисел доби бројни закани за смрт и силување од анонимни корисници на Твитер и Фејсбук, се наведува во извештајот. - Здружението на новинари на Македонија извести за 16 напади на новинари случени од јануари до октомври 2020 година и ја повика полицијата да ги расчисти случаите со изведување на одговорните пред суд. Здружението повика на промени во кривичниот закон со што ќе се осигура дека нападите на новинарите се „екс официо“ криминални дела, се нагласува во одговорот. Во извештајот на Стејт департментот се напоменува и дека лани на 4 февруари, ССНМ „го потпиша првиот колективен договор со медиум, државната новинска агенција МИА, со кој се регулираат условите на вработените“, вклучително и гаранции за 36-часовна работна недела, платена прекувремена работа, заштита од произволно отпуштање и загарантирана слобода на изразување. Стејт департментот посочи и дека иако медиумските известувања во земјава главно се поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува“. Во пресрет на денешниот 3 мај генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ и германската министерка за правда Кристина Ламбрехт вчера изразија загриженост поради нападите врз новинари и ограничувањата на слободата на печатот во многу делови на Европа, нагласувајќи дека слободата на медиумите е од клучна важност во кризни времиња. Во заедничката изјава по повод Светскиот ден на слободата на печатот, тие потсетија дека правото на слобода на изразување е содржано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права, на која се обврзаа сите 47 земји членки на Советот на Европа, вклучително и 27 членки на Европската Унија. - Во демократија, новинарите играат витална улога во откривањето на вистината и повикувањето на властите на одговорност. Нивната работа е да обезбедат граѓаните навремено да добиваат точни и веродостојни информации, што е уште поважно во контекст на пандемијата на Ковид-19, наведуваат Пејчиновиќ Буриќ и Ламбрехт во заедничката изјава. Тие потестуваат дека промовирањето на слободата на изразување низ целиот европски континент е клучна цел на Советот на Европа, со кој моментно претседава Германија, и истакнуваат дека паралелно со излегувањето од пандемијата сите влади мора заеднички да работат на зајакнување на слободата на изразување. Светскиот ден на слободата на печатот е прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1993 година по препораката усвоена на 26-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во 1991 година, врз основа на Декларацијата од Виндхук што ја подготивија група африкански новинари со апел за плурализам и независност на медиумите. сп/

Остани поврзан