• четврток, 21 ноември 2024

Светска банка: Климатските промени ќе го чинат Западен Балкан милијарди долари

Светска банка: Климатските промени ќе го чинат Западен Балкан милијарди долари

Вашингтон, 17 јули 2024 (МИА) - Шесте економии од Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следната деценија за адекватна заштита на граѓаните и имотот од се поштетните влијанија на климатските промени, се заклучува во регионалниот извештај за климатски промени и развој (CCDR) на Светска банка објавен денеска.

Спроведувањето соодветни мерки за одговор на климатските промени може во голема мера да биде од корист за Западен Балкан, регион составен од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора. Тие инвестиции би помогнале да се избегне загуба на човечки животи, имоти и продуктивност, но и да се стимулира економскиот раст.

Недостигот на акција не е опција за регионот, бидејќи веќе е силно погоден од климатските промени. На пример, во текот на изминатата деценија, поплавите директно зафатија два милиони луѓе, а нивните ефекти дополнително ќе се влошат со појавата на сè поекстремни врнежи од дожд.

Зголемена закана се и шумските пожари, од кои над 1.500 се регистрирани во 2021 година, што одговара на зголемување од 21 отсто во изминатата деценија. Сушите негативно влијаат на земјоделското производство, а топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот и со тоа предизвикуваат илјадници предвремени смртни случаи годишно во Западен Балкан.

„Климатските промени се јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан. Трошоците за инвестирање во адаптација се значителни. Сепак, добрата вест е дека придобивките од тие инвестиции се уште поголеми. Ако се подготвиме за климатски ризици, можеме да спасиме животи, да ги зачуваме локалните заедници и да го стимулираме економскиот раст“, ​​ рече Шаокинг Ју, директор за Западен Балкан во Светска банка. 

За постигнување климатска неутралност до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија, ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан