• понеделник, 20 април 2026

Светската награда на УНЕСКО за слобода на медиумите за палестинските новинари

Светската награда на УНЕСКО за слобода на медиумите за палестинските новинари

Париз, 3 мај 2024 (МИА) - Организацијата на Обединетите нации за образование, култура и наука (УНЕСКО) денеска ја додели својата Светска награда за слобода на медиумите на сите палестински новинари кои известуваат за војната во Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу израелските сили и палестинското движење Хамас на 7 октомври.

„Во овие времиња на темнина и безредие, сакаме да испратиме силна порака за солидарност и признание до палестинските новинари кои ја следат оваа криза во драматични околности“, рече Маурицио Вајбел, претседател на Меѓународното жири на медиумски професионалци.

Според него, човештвото им должи огромен долг на палестинските новинари за нивната храброст и посветеност на слободата на изразување.

Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, ја истакна „важноста на колективната мобилизација за новинарите, насекаде во светот, да можат да продолжат да ја вршат својата суштинска работа за информирање и истражување“.

Според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), организација со седиште во Њујорк, 97 новинари и медиумски работници, од кои 92 Палестинци, се убиени, а 16 се повредени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан