• понеделник, 13 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Сапорт Кочани“ ја реализираше донацијата за Клиниката за пластична хирургија наменета за повредените во пожарот во „Пулс“

„Сапорт Кочани“ ја реализираше донацијата за Клиниката за пластична хирургија наменета за повредените во пожарот во „Пулс“

Скопје, 15 јули 2025 (МИА) - Иницијативата „Сапорт Кочани“ ја реализираше донацијата за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, наменета за повредените во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025.

Како што соопштија од „Сапорт Кочани“, донацијата е формализирана со потпишување договор за донација, и вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, четири пакувања аминокиселини и четири пакувања протеини.

Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата „Сапорт Кочани“.

-Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на заздравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација, информира „Сапорт Кочани“.

Медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените.

Во рамки на посетата, тимот на „Сапорт Кочани“ ги посетил и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изразиле поддршка и желби за побрзо закрепнување.

-Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна, истакнуваат од „Сапорт Кочани“.

Од оваа иницијатива нагласуваат дека остануваат посветени на „транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица“. хс/вг/

Фото: „Сапорт Кочани“

Остани поврзан