Самит на Г-20 посветен на зајакнување на здравствените системи низ светот
- Министрите за здравство на земјите членки на Г-20 денеска во главниот град на Индонезија почнаа низа состаноци за зајакнување на здравствените системи во светот поради пандемијата на Ковид-19
Џакарта, 20 јуни 2022 (МИА) – Министрите за здравство на земјите членки на Г-20 денеска во главниот град на Индонезија почнаа низа состаноци за зајакнување на здравствените системи во светот поради пандемијата на Ковид-19.
- На состаноците ќе се разговара за изградба на систем за здравствена безбедност, усогласување на здравствените протоколи поврзани со Ковид-19, стандардизирање на меѓународните патни документи и зајакнување на фармацевтската индустрија, изјави портпаролката на индонезиското Министерство за здравство, Надиа Тармизи.
Таа додаде дека на состаноците ќе учествува и генералниот секретар на Светска здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебреисус.
- Глобалната соработка е клучна за надминување на оваа пандемија и за подготвеноста за следната. Овој состанок е важен момент за Г-20 бидејќи ќе им овозможи на земјите да обезбедат поддршка за зајакнување на капацитетите на здравствените системи на национално, регионално и глобално ниво, посочи Тармизи. ми/