• понеделник, 23 декември 2024

Самитот на Западен Балкан почна во Тирана без лидерите на Црна Гора и Косово

Самитот на Западен Балкан почна во Тирана без лидерите на Црна Гора и Косово

Тирана, 29 февруари 2024 (МИА) - Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска во Тирана на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

Учесниците на самитот во Конгресната палата ги пречека албанскиот премиер Еди Рама, кој е домаќин на средбата.

На самитот дојдоа премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Како што јави агенцијата Бета, новинарите не ги видоа лидерите на Црна Гора и Косово кои вчера учествуваа на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана.

Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот.

На самитот учествуваат и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.

По воведното обраќање на Еди Рама, самитот продолжува без присуство на медиуми.

Самитот е посветен на Планот за раст на Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Целта е да се поттикне економскиот раст на регионот и да се забрза социоекономската хармонизација.

Планот, усвоен од Европската комисија во ноември, го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период. паг/

Фото: ЕПА/МИА архива

 

 

Остани поврзан