• понеделник, 23 декември 2024

Салтвик за МИА: Полицијата и медиумите да ги имаат предвид потребите на жртвите, кои пријавуваат родово базирано насилство

Салтвик за МИА: Полицијата и медиумите да ги имаат предвид потребите на жртвите, кои пријавуваат родово базирано насилство

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Полицијата и медиумите треба да ги имаат предвид потребите на жртвите кога пријавуваат случаи на родово базирано насилство, а сериозен проблем денес е недовербата и во нив, истакна денеска советникот за полициски форми во Секретаријатот на ОБСЕ, Бјорн Торе Салтвик во изјава за МИА.

Салтвик, кој учествуваше на тркалезната маса „За правда за известување за родово базирано насилство: Пристап насочен кон жртва/преживеан“, која се одржа денеска во Скопје изјави дека ОБСЕ иницира обука на полицијата и обвинителството во земјава за начинот на кој треба да се постапува во пристапот со жртвите на родово базирано насилство.

Тој нагласи дека блиската соработка меѓу органите за спроведување на законот и ОБСЕ во тековниот проект се покажала како многу продуктивна.

 - Како еден пример за тоа, би сакал да напоменам дека новата наставна програма за обука за полиција и обвинители која ги истакнува потребите на жртвите, сега ќе биде дел од националната обука, рече тој.

Салтвик дополни дека надлежните органи помагаат и во изработка на нова апликација за мобилни телефони.

 - Апликацијата ќе биде лесно достапна алатка која ќе им обезбедува на полицајците важни знаења за тоа како да постапуваат со ваквите случаи, да обезбедат докази и да ги заштитат и поддржат жртвите, истакна тој.

Во однос на известувањето за вакви случаи тој вели дека тоа треба да ја има предвид траумата што ја преживуваат жртвите.

- Ова подразбира дека известувањето треба да ја признае траумата што ја доживеале жртвите и децата вклучени во такви случаи. Жртвите често доживуваат секундарна виктимизација, изјави Салтвик за МИА.

Тркалезната маса која денеска се одржа во Скопје е дел од тригодишниотгодишниот проект „Зајакнување на капацитетите на кривичната правда за борбата против родовото насилство во Југоисточна Европа“. Нејзиниот фокус е ставен на важноста од пријавување случаи на родово базирано насилство и семејно насилство и од страна на полицијата и од медиумските актери, со пристап насочен кон жртвата. сан/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан