• сабота, 13 април 2024

САД со грант од 40 милиони долари за модернизација на Армијата на Северна Македонија

САД со грант од 40 милиони долари за модернизација на Армијата на Северна Македонија
Скопје, 2 јуни 2022 (МИА)  - САД со дополнителна финансиска поддршка во вредност од 40 милиони долари ќе го поддржи процесот на модернизација на Армијата на Република Северна Македонија. Како што информираат од Министерството за одбрана, ова финансиската поддршка била потврдена на денешниот Стратешкиот дијалог во Вашингтон. На сесијата наменета за одбрана во рамки на Стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД било констатирано дека модернизацијата на Армијата е круцијална и е на вистинскиот пат, а посветеноста на двете армии за организирање на заеднички вежби и обуки се најдобриот начин за достигнуање целосна интероперабилност и континуирана подготвеност. Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето воведно обраќање на сесијата посветена на одбраната порача дека САД три декади се наш најблизок партнер и во развојот и во процесот на евроатлантска интеграција. Денешната нова безбедносна реалност во Европа, подвлече Петровска, повикува на уште поблиска и уште поинтензивна соработка со една цел – мир, безбедност и стабилност на евроатлантската област. -Неоправданата руска агресија врз Украина ја промени безбедносната архитектура. Економските последици по пандемијата на корона-вирусот и незадоволството со пролонгирањето на европската интеграција можат дестабилизирачки да делуваат на Западниот Балкан и затоа потребна е интензивна активности и силен фокус на овој регион од Европа, рече министерката. Интеграциските процеси на Балканот, посочи Петровска, веќе дадоа видлив резултат – членството на Северна Македонија во НАТО имаше силен стабилизирачки ефект на регионот, што е особено видливо денес во оваа нова безбедносна реалност. Петровска порача дека Владата и Министерството остануваат цврсто на ставот за раст на одбранбениот буџет кој годинава изнесува 1,77 проценти од БДП, а според плановите треба да достигне 2% до 2024 година, вклучително и на одредбата 20 проценти од овој буџет да биде наменет за опремување и модернизација. Министерката информираше дека во фокусот е и Лесната пешадиска баталјонска група, од која еден значаен дел – Лесниот пешадиски баталјон годинава доби позитивна оценка на НАТО оценувањето и е „борбено способен“. Во контекст на модернизацијата, министерката се заблагодари за финансиската учество од САД во набавката на новите лесни оклопни транспортери кои значајно ќе влијаат на подобрувањето на капацитетите на Армијата. Заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер нагласи дека напорите за развој на армиските капацитети се за пример, што може да се види и преку инвестирањето во нова и софистицирана опрема согласно планирачкиот процес на НАТО и стандардите на Алијансата. Купер истакна дека САД досега вложиле речиси 45 милиони долари во модернизацијата на Армијата и дека само оваа година се планира вложување од дополнителни 40 милиони долари преку програмата за воено финансирање и програмата 333. Петровска и Купер разговараа и за продолжувањето на заедничките обуки и вежби, особено имајќи го предвид успехот на неодамна завршената вежба „Swift Response 22“ која уште еднаш покажа какво е значењето на армискиот полигон „Криволак“ кој ќе продолжи да се развива и во иднина. Во таа насока, министерката Петровска изрази подготвеност за учество на припадниците на Армијата во вежбата „Defender Europe 23“ планирана за следната година.свс/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан