• недела, 22 декември 2024

САД воведуваат нови санкции против Русија

САД воведуваат нови санкции против Русија
Вашингтон, 8 мај 2022 (МИА) - САД најавија нови санкции против Русија за време на состанокот на лидерите на Г7 преку видео повик со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Воведени се санкции против три руски телевизиски станици, забрането им е на Американците да даваат сметководствени и консултантски услуги на Русите и санкционирани се раководителите на Газпромбанк, третата по големина руска банка. Ова се први санкции досега против банката која го опслужуваше рускиот гасен гигант. САД и нивните сојузници досега избегнуваа да воведат санкции против Газпромбанк поради страв дека тоа може да доведе до недостиг на гас за купувачите од ЕУ, бидејќи поголемиот дел од Европа купува руски гас преку оваа банка. Висок функционер на Белата куќа истакна дека потегот не е целосна блокада, туку дека има за цел да сигнализира дека Газпромбанк не е безбедно засолниште. - Ова е веќе неуспех за Путин и ние ќе продолжиме да им оддаваме почит на храбрите борби на украинскиот народ и да го слушаме претседателот Зеленски, изјави висок претставник на Белата куќа за новинарите пред состанокот на Г7. Новите санкции, исто така, ќе наметнат нови извозни контроли против рускиот индустриски сектор и вклучуваат речиси 2.600 визни ограничувања за руски и белоруски службеници. Белата куќа, исто така, соопшти дека Комисијата за нуклеарна регулација ќе ги суспендира дозволите за извоз на специјален нуклеарен материјал во Русија. гт/

Остани поврзан