Савески – Костадиновски: Владеењето на правото бара дела, не декларации
- Државниот јавен обвинител Ненад Савески и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски денеска остварија средба, на која разменија мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.
Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Државниот јавен обвинител Ненад Савески и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски денеска остварија средба, на која разменија мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.
Како што е соопштено од двете институции, соговорниците ја истакнаа важноста од обезбедување максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото.
Претседателот на Судот Костадиновски нагласи дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството.
Тој посочи дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.

-Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на кој било правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати, истакна Костадиновски.
Јавниот обвинител Савески потенцираше дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додаде дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.
-Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција, истакна Савески. хс/са/
Фото: Јавно обвинителство / Уставен суд