• сабота, 23 ноември 2024

Рустеми за МИА: Очекуваме градежни работи со „Бехтел и Енка“ на крајот на првата половина од годинава

Рустеми за МИА: Очекуваме градежни работи со „Бехтел и Енка“ на крајот на првата половина од годинава
Скопје, 4 јануари 2022 (МИА) - Објавен е огласот за избор на надзор и правен трансакциски советник за делниците на коридорите 8 и 10д што ќе ги реализира американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со што е овозможен почеток на подготвителните работи за конкретна реализација на активностите. Почетокот на градежните работи се очекува кон крајот на првата половина од годинава, информира во интервју за МИА директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми. - По интензивната подготовка на целокупната тендерска документација на 28.12.2021 година беше објавен огласот за избор на надзор и правен трансакциски советник, кој ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет од страна на Владата. Со овој чекор се овозможува почетокот на подготвителните работи за конкретна реализација на овој проект. Откако ќе избереме правен трансакциски советник и надзор, може да се каже дека почетокот на градежните работи се очекува да биде некаде кон крајот на првото полугодие на 2022 година, наведува Рустеми. ЈПДП лани реализирало инвестиции во износ од 7.334.000.000 денари, што е повеќе за 400 милиони денари од претходната година. И за годинава, Рустеми очекува добра реализација на капиталните инвестиции. - Се преземаат подготвителни дејства за нови капитални инвестиции за оваа година, како што се подготовките на тендерска документација за изградбата на автопатот Кичево - Букојчани во должина од 10 километри, изградбата на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце во должина од 10 километри, кои се очекува да почнат во првото полугодие од оваа година и посебно проектите поврзани со Договорот со „Бехтел и Енка“, со кој очекуваме да се изградат автопатишта во должина од над 120 километри. Сето ова ветува дека и оваа година ќе имаме добра реализација на капитални инвестиции, вели Рустеми. Тој во интервјуто говори и за приходите од наплатата на патарините, модернизацијата и изградбата на наплатните станици, а ги претставува и очекувањата за градежната сезона. Во продолжение следува интервјуто со Рустеми во целост. Со какви финансиски резултати ја заокружувате 2021 година?  - Во 2021 година, иако беше година на пандемија и ограничени можности за непречен сообраќај меѓу државите, наплатната служба при ЈПДП оствари рекорден приход и историски успех во нејзиното 35-годишно постоење. И покрај затворени гранични премини до втората половина на мај, наплатната служба успеа одлично да ја организира и да ја контролира работата и притоа да оствари промет во 2021 година, кој е за 36 проценти повеќе во споредба со 2020 година, а во однос на претходно рекордната 2019 година имаме зголемување за шест проценти. Според досегашниот остварен годишен промет од наплата, зголемувањето е над 170.000.000 денари (2,8 милиони евра) повеќе од 2019 година, додека во однос на 2020 година зголемувањето е за 747.583.000 денари (или 12.155 милиони евра) повеќе остварен промет од наплата на патарина. Во 2019 година вкупно беше остварен приход од 2.681.866.666 денари (или 43,6 милиони евра), додека во 2020 година остварениот приход изнесуваше 2.092.9818.055.00 денари (или 34.029.562 евра). Оваа календарска година приходот е 2.847.359.592 денари (или над 46,3 милиони евра). Овие суми на приходи се однесуваат само за остварен промет од наплата на патарина, продажба и надополнување на електронски уреди, а над 25 проценти од вкупно наплатени возила е остварен преку електронската наплата на Коридорот 10. Во голема мера да се остварат овие резултати придонесе и Современиот мониторинг-центар, кој е направен по европските стандарди за следење и организирање на работата. Со оглед на постигнатите резултати во електронската наплата наш фокус годинава ќе биде продолжување на процесот на модерницазија на патарините. И оваа 2022 година во однос на наплатната служба имаме поставено високи цели, кои ќе станат реалност со отворањето на двете нови наплатни станици Преод и Кадрифаково, и се предвидува годишниот приход да биде над 50 милиони евра, а годинава ќе го воведеме електронскиот систем на наплата и на Коридорот 8. Кога сме кај патарините, до каде е модернизацијата на патарините на Коридорот 8 и како се одвива тој процес? - Имплементацијата на Електронскиот систем за наплата на постојните наплатни станици на Коридорот 8 е во тек, односно во тек е изработка на проектна документација за реконструкција и имплементација на електронски систем за наплата. По целосно одобрување на проектната документација од надлежните органи и институции ќе започне и реализацијата на терен. Се очекува модернизацијата на наплатните станици на Коридорот 8 да започне по првата третина од 2022 година. Зголемувањето на приходите значи и зголемување на инвестициите, зголемување на градбите, рехабилитациите, реконструкциите, изградба на нови патишта, доизградба на започнатите патишта, подобрување и подобро одржување на патната инфраструктура во држава со крајна цел сигруни и безбедни патишта за граѓаните. Што покажува статистиката на ЈПДП за реализацијата на капиталните инвестиции, колку е вкупниот износ на остварени инвестиции за 2021 година? - Годината што остана зад нас е година во која имавме шест проценти повеќе реализација и зголемување на капиталните инвестиции во однос на 2020-та, но и реализација на многу проекти од кои дел беа закочени, дел беа започнати во претходните години, и дел беа во тек на реализација, а дел ги започнавме бидејќи беа предвидени со Годишната програма. Па така, вкупниот износ на реализирани инвестиции во 2021 година е 7.334.000.000 милијарди денари, што е повеќе за 400 милиони денари од претходната година. Еден таков процес, кој го откочивме и ги надминавме претходно наталожените проблеми, беше изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, кој е еден од најзначајните патни правци во државата, каде што дневно поминуваат и над шест илјади возила од сите категории и каде што проблемите со неговата изградба се веќе зад нас и по преземањето на еден дел од Штрабаг и другиот од Синохидро и се започна со интензивна работа. И првиот дел од автопатот Скопје - Блаце започна интензивно да се гради, а започнавме и активности во насока на подобро инфрастурктурно поврзување на Југозападниот плански регион на Република Северна Македонија со Република Албанија. Распишавме тендер за јавна набавка за избор на најдобра понуда за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски Мост, во должина од 19 километри и во вредност од 23,74 милиони евра (со ДДВ), средства обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Веќе е избран изведувач на работите, кој е воведен во работа на 1.11.2021 година, со рок за изградба од 24 месеци. Патот е проектиран и ќе се гради на ниво на регионален и оваа делница ќе овозможи подобри услови за одвивање на сообраќајот, што значи безбедно, побрзо и непречено одвивање на сообраќајот во Југозападниот плански регион на Република Северна Македонија, при што ќе се поврзат и ќе се скрати времето на патување помеѓу градовите Кичево и Дебар. Очекуваме овој проект да биде реализиран до крајот на 2023 година. Исто така, преземаме подготвителни дејства за нови капитални инвестиции за оваа година, како што се подготовките на тендерска документација за изградбата на автопатот Кичево - Букојчани во должина од 10 километри, изградбата на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце во должина од 10 километри, кои се очекува да отпочнат во првото полугодие од оваа година и посебно проектите поврзани со Договорот со Бехтел и Енка со кој очекуваме да се изградат автопатишта во должина од над 120 километри. Сето ова ветува дека и оваа година ќе имаме добра реализација на капитални инвестиции. Ги споменавте претходно новите патарини Преод и Кадрифаково на Миладиновци - Штип, до каде е изградбата? - Имајќи ги предвид временските услови и сезоната кога градежните работи најчесто паузираат, завршувањето на изградбата и имплементацијата на електронскиот систем за наплата на наплатните станици Преод и Кадрифаково се очекува да заврши кон крајот на април 2022 година. Се утврди новиот рок за изградба на автопатот Кичево - Охрид. Дали овој рок е реален и до каде е сега изградбата? - Автопатската делница Кичево - Охрид е веќе неколкугодишна „сага“, која јас ја наследив и искрено се надевам овој пат ќе заврши во новопредвидениот рок, кој е 31.12.2023 година. Сакам да потенцирам дека најголемиот дел од проблемите, кои беа од административен карактер, ги надминавме во 2021 година, и годинава очекуваме зголемен интензитет на работа. Сега е зимска сезона, кога работите поради временските услови подзастануваат, но со доаѓањето на пролетта ќе се започне позасилено темпо на работа за да се запазат овие нови предвидени рокови. По потпишувањето на Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово - Гостивар - Букојчани и Требеништа - Струга - Ќафасан од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп - Битола од Коридорот 10д и по одлуката на Уставниот суд да не се поведе постапка за уставноста на Законот за оваа намена, се отвори патот за реализација на проектот. До каде се активностите во оваа насока и кога реално може да се очекува „Бехтел и Енка“ да започнат со работа? - По интензивната подготовка на целокупната тендерска документација на 28.12.2021 година беше објавен огласот за избор на надзор и правен трансакциски советник, кој ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет од страна на Владата. Со овој чекор се овозможува почетокот на подготвителни работи за конкретна реализација на овој проект. Откако ќе избереме правен трансакциски советник и надзор, може да се каже дека почетокот на градежните работи се очекува да биде некаде кон крајот на првото полугодие на 2022 година. И автопатот Скопје - Блаце е значаен проект на кој се работи подолго време, до каде се таму активностите? - Како што знаете автопатот Скопје - Блаце се изведува во две фази. Во однос на изградбата на првата фаза и првите два километра од автопатот, во оваа пригода јас сакам да нагласам дека по потпишувањето на договорот за изградба во 2020 година речиси и да немало никакви активности. Кога ја презедов раководната палка во ЈПДП кон крајот на 2020 година бев информиран дека активностите се закочени поради нерешениот проблем со ескпропријацијата на градежните парцели, кои беа во приватна сопственост. По откочувањето на овој процес, од почетокот на 2021 година почна и прогресот на градежните работи и во моментов таму имаме видливи резултати и напредок. Паралелно со овие активности го водевме и процесот на подготовка за втората фаза на изградбата на Скопје - Блаце во должина од десетина километри, па така во јануари 2021 година беше дефинирана трасата. Сега веќе имаме идеен проект, имаме готова студија за животна средина, која е доставена до ЕБОР, и очекуваме во првиот квартал да го добиеме и основниот проект и инфраструктурниот проект и во првово полугодие од годинава да отпочнеме постапка за избор на изведувач на градежните работи. Кога ќе се скрати времето за патување од Скопје до Софија, односно кога ќе имаме подобро патно поврзување со соседна Бугарија? Веќе на некои патишта во овој дел се работи, но дали е тоа доволно и дали е темпото на изградба задоволително?   - Сите сме свесни за економско-политичкото значење на Коридорот 8 и патното поврзување со Република Бугарија, но и со поширокиот регион. Токму затоа, инвестираме во модернизација и доизградбата на паневропскиот коридор и патните правци опфатени со него. Имаме неколку значајни проекти отпочнати во тој дел на државата, како што е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово - Страцин, кој е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Проектот е поделен на два дела. Првата фаза е од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 4,7 милиони евра средства обезбедени од ИПА 2 фондовите. Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни следната година. Втората фаза е од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, пари обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта. Овој дел е веќе во завршна фаза и очекуваме набргу да биде комплетно завршена рехабилитацијата. Минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар и со отпочнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион сакаме да добиеме комплетен Коридор 8, кој ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот. Течат работите и на новиот експресен пат Страцин – Длабочица – Крива Паланка, кој е финансиран од Светска банка, очекуваме делницата да биде комплетирана и пуштена во сообраќај до крајот на 2022 година, а за делницата Крива Паланка – Деве Баир финансирана од ЕБОР и ВБИФ, се очекува градежните работи да бидат комплетирани до средина на 2022 година. Исто така, во изработка е проектната програма за проектирање на нов експресен пат Романовце – Страцин, кој е планиран да се финансира од ИПА 3. Каква градежна сезона очекува ЈПДП во 2022 година? - Ако им се верува на предвидувањата дека идната година ќе значи крај на пандемијата на КОВИД-19 и со самото тоа и крај на маките на стопанството и економијата, за очекување е да се работи со засилено темпо. Ако на ова го додадеме и моментот дека се очекува и „Бехтел и Енка“ да засукааат ракави и да отпочнат со реализација на предвидените проекти утврдени со специјалниот Закон, како и отпочнатите работи на проектирањата за дел од правците опфатени со него, тогаш очекуваме плодна година на секој план и на градежен и на план на полза за граѓаните, кои наскоро ќе ги почувствуваат и првите придобивки од договорот склучен со нив. Ние сме свесни дека подобрувањето на патните врски значи подобро поврзување за побрз превоз на услуги и стока, но и поквалитетен пристап до сите делови на државата, кои, пак, од друга страна значат развој и на економијата и на туризмот. Затоа сме оптимисти и подготвени за новите предизвици што со себе ги носи оваа 2022 година. За крај, дозволете на сите граѓани на Република Северна Македонија да им ги честитам Новата година и претстојните празници и да им посакам добро здравје и успех на секој план во 2022 година. Лидија Велковска фото: Фросина Насковиќ  

Остани поврзан