• сабота, 23 ноември 2024

Рускоска: Имаме податок каде се парите, предметот против Зекири е добиен во втората половина на 2021

Рускоска: Имаме податок каде се парите, предметот против Зекири е добиен во втората половина на 2021
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година. - Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година. Од тогаш, надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска, појаснува Рускоска за „Слободен печат“. Зекири нема стражарно да биде спроведен пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Тој добил писмена покана да даде исказ откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара притвор за Зекири и двајца хрватски државјани кои се осомничени дека со изигрување на тендерската постапка, незаконски присвоиле 145.400 евра. Обвинителството за организиран криминал, потенцира Рускоска, цврсто стои на ставот дека секој кој направил кривичен престап, а за што постојат докази, ќе биде гонет, без разлика на неговата позиција во системот на државата. Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени – Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги, се појаснува во соопштението. цр/са/  

Остани поврзан