• петок, 22 ноември 2024

Русија – Украина инвазија: Бајден уште еднаш го нарече Путин „воен злосторник“

Русија – Украина инвазија: Бајден уште еднаш го нарече Путин „воен злосторник“
Киев, 26 март 2022 (МИА)     Градскиот совет на Мариупол тврди дека руските сили го уништиле центарот за рехабилитација за деца во опколениот и разурнат град Мариупол. Претседателот на Украина Володимир Зеленски во вчерашниот телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, се заблагодари за поддршката од Анкара. Ердоган во разговорот со Зеленски истакнал дека Турција на Самитот на НАТО ја повторила својата поддршка за територијалниот интегритет на Украина. Русија изврши ракетен напад врз Командата на украинските воздухопловни сили. „Русите истрелаа вкупно шест крстаречки ракети. Некои од нив беа соборени од единиците за противвоздушна одбрана. Остатокот погоди неколку згради, предизвикувајќи значителна штета на инфраструктурата“, објави Командата на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина на Фејсбук. МААЕ: Персоналот во Чернобил не е ротиран веќе четири дена. Украина не може да соопшти кога ќе биде направена смена, поради борбите во градот во кој ќивеат повеќето од вработените, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Украинските сили продолжуваат да го контролираат опколениот јужноукраински пристанишен град Мариупол, изјави висок функционер на украинската безбедност Олексеј Данилов. -Мариупол се држи и никој нема да го предаде, изјави Данилов. Американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш го нарече рускиот претседател Владимир Путин „воен злосторник“, овој пат при неговата посета на Полска. Демократиите се „обединети во нашата опозиција и напори да го спречат уништувањето што се случува од рацете на човекот за кој искрено мислам дека е воен злосторник“, рече Бајден во полскиот град Жешов. Москва: Отфрлањето на руската резолуција во СБ на ОН е цинизам на Западот. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова го оцени како цинизам на Западот неусвојувањето на руската резолуција за хуманитарната ситуација во Украина во Советот за безбедност на Обединетите нации. Шеф на руската армија: Ќе се фокусираме на источна Украина. – Борбените способности на украинските сили се значително намалени, што ни овозможува (…) да се фокусираме најмногу на главната цел: ослободување на Донбас, изјави заменик началникот на Генералштабот на руската армија Сергеј Рудској. Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ги посети американските војници стационирани во Жешов, место во југоисточна Полска, кои таму пристигнаа за засилување на Источното крило на НАТО и притоа им се заблагодари за одбраната на демократијата од автократите. Премиерите на Чешка, Полска и Словенија подготвија план од 10 чекори за запирање на војната во Украина. Прво, сите руски банки мора да бидат исфрлени од меѓународниот платен систем SWIFT, второ, Западот мора да подготви заедничка политика за давање азил на руските војници кои одбиваат да му служат на режимот во Москва и трето, мора да се запре руската пропаганда во Европа. Шефот на рускиот преговарачки тим со Украина Владимир Медински изјави денеска дека руската страна инсистира на „сеопфатен договор“ со Украина, каде освен неутралниот статус на Украина и безбедносните гаранции, ќе биде вклучени и точки кои се од витално значење за Руската Федерација. Украина денеска соопшти дека преговорите со Русија се „многу тешки“ и вети дека нема да отстапи од барањата. – Украинската делегација зазеде цврст став и не отстапува од своите барања. Ние инсистираме, пред сè, на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина, истакна министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Остани поврзан