• среда, 20 ноември 2024

Русија ги повика на разговор амбасадорите на САД, Британија и Канада по нивната реакција на пресудата против Кара-Мурза

Русија ги повика на разговор амбасадорите на САД, Британија и Канада по нивната реакција на пресудата против Кара-Мурза

Москва, 18 април 2023 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Русија денеска ги повика на разговор амбасадорите на САД, Велика Британија и Канада поради „недипломатски активности“.

„Поради грубо мешање во внатрешните работи на Русија и активности кои не одговараат на дипломатскиот статус, во Министерството за надворешни работи се повикани амбасадорите на САД, Велика Британија и Канада“, се наведува во соопштението на руското МНР, пренесува ТАСС.

Претходно, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова ги осуди изјавите на овие амбасадори по објавувањето на пресудата против публицистот Владимир Кара-Мурза, обвинувајќи ги за директно мешање во внатрешните работи на Русија.

Таа ги нарече барањата на американскиот и канадскиот амбасадор за ослободување на Кара-Мурза „врв на цинизмот“, велејќи дека во нивните земји бесрамно се кршат човековите права, а неистомислениците се прогонуваат.

Московскиот градски суд вчера го осуди опозицискиот политичар Владимир Кара-Мурза на 25 години затвор за предавство и ширење лажни вести за руската армија.
Покрај тоа, тој е казнет со 400.000 рубљи и забрана за занимавање со новинарство во траење од седум години.

Во интервјуто за Си-Ен-Ен, кое беше емитувано неколку часа пред да биде уапсен, Кара-Мурза рече дека Русија е управувана од „режим на убијци“. Тој, исто така, во говорите во САД и низ Европа, ја обвини Русија за бомбардирање цивилни цели во Украина, обвинение кое Москва го негираше.

По пресудата, која е најстрогата казна од тој тип изречена во Русија од почетокот на инвазијата на Украина, реакции следуваа од повеќе западни земји. Велика Британија реагираше на казната на Кара-Мурза, кој е и британски државјанин, нарекувајќи ја пресудата „политичкаи мотивирана“ и вложи протестна нота до руската амбасада во Лондон. 

Пред судот во Москва, британската амбасадорка Дебора Бронерт рече дека Кара-Мурза е осуден затоа што храбро зборувал против војната на Русија во Украина и побара негово итно ослободување.

Американската амбасадорка Лин Трејси,рече дека осудувањето на Кара-Мурза е обид да се замолчи несогласувањето, пренесува Гласот на Америка.

Набргу по испраќањето на десетици илјади војници во Украина во февруари минатата година, Русија донесе опсежни закони за цензура за време на војната, кои се користат за замолчување на неистомисленичките гласови.

„Дискредитирањето“ на армијата во моментов се казнува со затворска казна до пет години, додека намерното ширење лажни информации за тоа може да носи казна од 15 години. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан