• понеделник, 23 декември 2024

Русија – Украина инвазија: НАСТАНИ во денот

Русија – Украина инвазија: НАСТАНИ во денот
Киев, 23 март 2022 (МИА) – Објавена видео снимка од воздух од уништениот Мариупол. Видео снимката ја објави Бахти Нишанов, кој работи за Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). „Деведесет проценти од градот е исчезнат“, напиша тој“. Италија бара ЕУ да се осигура дека Кина ќе посредува за мир во Украина. Италијанскиот премиер Марио Драги изјави денеска дека Европската унија мора да комуницира со Кина, со цел да се осигура дека работи на посредување за мир во Украина и да престане да ја поддржува руската инвазија. Постои реална закана Русија да употреби хемиско оружје против Украина, кажа американскиот претседател Џо Бајден денеска пред да замине за Европа, каде ќе учествува на самитот на НАТО и ќе ја посети Полска. НАТО ќе распореди четири нови борбени групи низ Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, како дел од одговорот на Алијансата на руската инвазија врз Украина. НАТО веќе има борбени групи во Естонија, Летонија, Литванија и Полска. НАТО сојузниците загрижени дека Кина може и материјално да и помогне на Русија. „Кина ѝ даде на Русија политичка поддршка, вклучително и со ширење бесрамни лаги и дезинформации, а сојузниците се загрижени дека Кина може да обезбеди материјална поддршка за руската инвазија“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешната прес конференција пред утрешниот Самит на Алијансата. Руските војници во Украина добија статус на воени ветерани. Претходно овој статус го имаа ветераните од војните во Авганистан, Чеченија и Сирија, што овозможува различни бенефиции, но и месечни приходи. Белорусија протерува украински дипломати. Бројот на украински дипломати во Белорусија ќе се намали на пет, соопшти белоруското Министерство за надворешни работи. Останатите дипломати ќе мора да ја напуштат територијата на Белорусија во рок од 72 часа. Папа Франциск: Војната во Украина покажа дека човештвото мора да го отфрли чудниот инстинкт за самоуништување Москва: Испраќање меѓународни мировни сили во Украина би било „многу непромислено“. Полска минатиот петок соопшти дека официјално ќе поднесе предлог за мировна мисија во Украина на следниот самит на НАТО. Блумберг: Рускиот специјален пратеник Анатолиј Чубајс поднесе оставка поради противењето на војната во Украина. Чубајс (66) е највисокиот руски функционер кој се разделил со Кремљ поради рускиот напад врз Украина. Тој е еден од ретките реформатори на руската економија од 1990-тите кои останаа во владата на Путин и истовремено одржуваа блиски врски со западните функционери. Путин бара „непријателските земји“ да плаќаат во рубљи за рускиот гас, кои ги вклучуваат сите членки на ЕУ, откако Москва беше погодена од невидени санкции поради нејзината инвазија Украина. Русија ќе продолжи да испорачува гас во согласност со обемот и принципите на цените на договорите. Ќе се промени само валутата на плаќање. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од Јапонија да го зголеми притисокот на санкциите врз Русија со воведување трговско ембарго на руски стоки. Обраќајќи се пред Парламентот во Токио преку видео врска, Зеленски се заблагодари на Јапонија за осудата на руската инвазија и воведувањето санкции. Во директен разговор, германскиот канцелар Олаф Шолц го предупредил рускиот претседател Владимир Путин да не користи биолошко или хемиско оружје во Украина, објави денеска весникот Ди Цајт. Руските тврдења дека Украина развива такво оружје или дека САД сакаат да го употребат „изгледаат како имплицитна закана дека и самиот Путин размислува да употреби такво оружје“, вели Шолц. Официјален претставник на руските власти денеска отворено соопшти дека една од главните воени цели на Москва е да се заземе пристанишниот град Мариупол и на тој начин да се поврзат сепаратистичките региони во Украина. Русија врши „геноцид“ во Украина, предупреди градоначалникот на Киев, Витали Кличко. Тој го кажа ова на видео конференцијата со официјални лица од Минхен, побарувајќи тие да ја притиснат федералната Влада да ги прекине сите економски врски со Русија.

Остани поврзан