• недела, 09 март 2025

Рокот за пријавување на програмата „Работник со млади“ продолжен до 12 март

Рокот за пријавување на програмата „Работник со млади“ продолжен до 12 март

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Сојузот за младинска работа (СМР) го продолжува рокот за пријавување на програмата „Работник со млади“, до среда, 12 март 2025 година. Програмата нуди обука за професионална младинска работа, комбинирајќи теоретска и практична настава. 

Обуката ќе се одржува онлајн во периодот од март до јуни 2025 година, на македонски јазик. СМР најави дека ќе биде водена од предавачи кои имаат долгогодишно искуство во работата со млади и се препознаени на национално и меѓународно ниво. Учесниците кои ќе ја завршат програмата со потребната посетеност и положен испит ќе добијат сертификат за работник со млади.

СМР четврти пат го објавува повикот за учество во програмата „Работник со млади“, образовна иницијатива која има за цел да ги развие компетенциите на учесниците за професионална работа со млади.

- Програмата е наменета за сите кои сакаат да стекнат знаење за младинска работа и неформално образование, да научат како да развиваат и спроведуваат младински активности и да работат со искусни предавачи кои се активни на национално и меѓународно ниво. Програмата е структурирана така што овозможува теоретска подготовка, практично искуство и финална проценка на знаењето и вештините на учесниците. Вкупно опфаќа 198 часа, од кои 106 часа се интерактивна теоретска настава, 88 часа се практична работа во младинска организација, а четири часа се предвидени за испитна работилница, информира СМР.

Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување на онлајн пријавата, достапна на линкот. лв/цр/

фото: плакат 

 

 

 

 

Остани поврзан