• понеделник, 23 декември 2024

Ристески: Ќе се исклучат договорите за нефер трговски практики

Ристески: Ќе се исклучат договорите за нефер трговски практики

Прилеп, 7 септември 2024 (МИА) - Досега се утврдени 26 случаи на нефер трговски практики во договори меѓу производителите, добавувачите и трговците поради големите проценти на рабат и до 40 oтсто, кои влијаат на крајната цена на производот, а тоа го плаќаат граѓаните, изјави за МИА заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Новиот закон за нефер трговски практики, според европска директива, и прв што ќе се применува во земјите од југоисточна Европа, треба да стапи на сила од 28 овој месец. Министерството за економија и труд законот го објаснува меѓу стопанствениците. Во пресрет на Законот, се подготвуваат новите договори меѓу производителите, добавувачите и трговците кои се по препорака на Европа. Утврдените 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени.

-Тие утврдени 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени. Голем дел од договорите и членовите во договорите ќе бидат по препорака на Европа. Новите договори треба да бидат готови до 28 септември и потоа, во октомври и во ноември очекуваме да имаме резултат кај цените на производите, бидејќи, нас, како Влада и како министерство за економија, секогаш таргет и приоритет ни се граѓаните, изјави Ристески.

Се очекува и намалување на цените зашто ќе ги нема тие 35 до 40 проценти рабат, а со Законот на годишно ниво ќе биде сведено на 10 проценти.

-Во досегашните договори меѓу производителите, добавувачите и трговците, има екстремно високи проценти на договарање и рабат – дури и до 35 и 40 насто и сето тоа крајно ги оптоварува производот и крајниот потрошувач, граѓаните. На ваков начин од дел трговци, производителите, некако се и уценувани. А поради тоа производителите мораа да ги зголемат цените за да имаат исплатливост, вели Ристески.

Според одредбите од новиот закон за нефер трговски практики, може во одредени периоди во годината да има поголем рабат од 10 проценти, поради акции, но тој процент нема да се надминува на годишно ниво.

-Овој закон мислам дека ќе биде од голема важност и е прв закон во југоисточна Европа, со кој ќе бидат регулирани овие односи и мислиме дека крајниот ефект на реализацијата и имплементацијата ќе се одрази и на цената на производите, а најголем бенефит, секако, ќе имаат и крајните потрошувачи. Листата на земјоделски, прехранбени производи е составена од околу 2 540 производи. Овој закон е донесен во консултација со работодавците, со стопанските комори, со Здружението за земјоделски и прехранбени производи и, секако, во консултација со другите релевантни министерства, објаснува за МИА заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Стопанската комора на Македонија го коригираше првичниот став дека не е прифатлив законот и со втор допис до Владата од 3 овој месец, дообјаснува дека неприфаќањето не е став на сите членки, туку дека, особено производителите, го прифаќаат.

Ваков допис очекуваат и во Министерството за економија и труд.

Инаку, на неодамнешната средба  со стопанствениците од прилепската регионална комора, во суштина Законот е прифатлив за нив и очекувата како ќе се имплементира и како ќе се врши надзорот.

-Очекуваме од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како надзорен орган да изготви мислења и насоки до почетокот на имплементацијата на Законот, за да можат и компаниите добавувачи и купувачите да бидат на јасно што ќе се случува со овој закон, имајќи предвид дека глобите за неспроведување се доста високи, вели Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп. ем/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан