• недела, 22 декември 2024

Ристевска-Јорданова: Да не се отвора Уставот пред почетокот на преговорите со ЕУ

Ристевска-Јорданова: Да не се отвора Уставот пред почетокот на преговорите со ЕУ
Скопје, 18 април 2022 (МИА) - Уставот на државава да не се отвора пред почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, изјави вечерва Малинка Ристевска Јорданова – член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ). - Зошто НЕ отворање на Уставот сега, на почетокот. Затоа што Бугарија сега тоа го бара како нејзино барање кон нас и Европската унија не може да каже, значи не може да влезе во тоа за да направи преседан, не може да влезе не само од нормативни причини туку и од практично-политички причини не може да направи таков преседан и да каже ќе ги внесете Бугарите во Уставот или ние сме гарант за тоа. Значи единствен начин на кој што Бугарија може да го постигне тоа е ние самите, доброволно да си го смениме Уставот, вели Ристевска Јорданова во емисијата Топ тема на ТВ Телма. Според неа, единствено доколку Бугарија се откаже од претходните позиции, па се преговара за нешто ново би можело да се разговара за некаков нов исход, а доколку не се повлечат од своите позиции, тоа значи дека тие го негираат нашиот идентитет. Во однос на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Ристевска Јорданова вели дека е потребна наша стратегија која ќе ги брани нашите национални интереси и оти треба сите институции да седнат и да се координираат. - Бугарските позиции остануваат исти, дека можеби реториката се сменила, но практично позицијата не се сменила. За секој што внимателно го следеше ова, оваа дрска политичка провокација е недостојна за две соседни земји, недостојна за две партнерски земји членки во НАТО, вели Ристевска Јорданова. нд/вг/

Остани поврзан