• вторник, 05 ноември 2024

Рикардо: Првата трка во Формула 1 ќе биде хаос

Рикардо: Првата трка во Формула 1 ќе биде хаос
Салцбург, 9 мај 2020 (МИА) - Возачот на Рено, Даниел Рикардо, призна дека очекува хаос кога ќе започне сезоната во Формула 1 по долго одложување поради пандемијата од КОВИД-19. Корона кризата доведе до тоа првите десет старта на сезоната во најпрестижната трка со автомобили да се одложат или откажат, со тоа што раководството на Формула 1 во моментов планира да ја започне кампањата со ГН на Австрија на 3-5 јули. Сепак, Рикардо очекува долгата присилна пауза да доведе до непредвидени околности. - Кога ќе започнеме, тоа ќе биде некаков вид хаос. Се надевам контролиран. Не зборувам само за автомобилите, ќе има 'рѓа, комбинација на емоции, возбуда, нетрпеливост. Секој ќе биде подготвен да се натпреварува во Австрија. Некои ќе се потпираат на адреналин, а други - не. Така ќе има ризични претекнувања, некои од нив слабо оценети. Ќе има малку од сè, сигурен сум, рече австралискиот пилот. Неодамна, слично мислење имаше и шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер. - Ова е веројатно најдолгиот период во кој возачите не седнале во своите автомобили. Може да биде здраво од една страна. Ако повторно започнеме во јули, тие ќе изгубат форма и можни се некои несреќи, рече Хорнер.

Остани поврзан