Решавање на комуналните проблеми, најави независниот кандидат за градоначалник, Горан Стојковски-Диро за Куманово
- Набавка на нова опрема за комуналното претпријатие во Куманово, субвенционирање на селекција на отпад, подобро менаџирање на претпријатието, најави на денешната прес-конференција независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски-Диро.
Куманово, 22 октомври 2025 (МИА) - Набавка на нова опрема за комуналното претпријатие во Куманово, субвенционирање на селекција на отпад, подобро менаџирање на претпријатието, најави на денешната прес-конференција независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски-Диро.
Во програмата е предвидено и утврдување место за одлагање на градежен шут, селекција на отпад, едукација на сите, почнувајќи од најмладите. Стојковски најави и поставување видеонадзор на локациите каде што се создаваат диви депонии.
- И ова е системско решение за коешто ќе ни треба време, но ќе ни треба и поддршка од самите граѓани. Јас силно верувам дека можеме како што Куманово веруваше во мене, да го смениме менаџирањето на градот, на претпријатијата за пофункционален град, изјави Стојковски.
Одговарајќи на новинарски прашања дека Куманово ќе биде како Скопје поради „тамошните односи помеѓу локалната и централната власт“, Стојковски изјави дека планира да постави претседател на Совет од ВМРО-ДПМНЕ. Како што додаде тој, Советот кој сега е „шаренолик“ како што е и Куманово ќе биде првата „брана“ за заштита од корупција. Досегашните совети, додаде тој, биле под контрола на градоначалникот. Тој верува дека сите 31 советник имаат волја Куманово да стане функционален град, а рече дека му верува на „премиерот Мицкоски дека го сака Куманово, како и цела Македонија“ и дека ќе даде поддршка за потребите на градот.
- Јас сум сигурен дека Мицкоски ќе сака да врати, му верувам дека е човек од збор и не гледам причина да не пружи поддршка на градоначалник кој е од друга провениенција, рече Стојковски.
Невладиниот кандидат најави и соработка со невладиниот сектор и бизнис заедницата. ам/мд/
Фото: МИА